Поплави со материјални штети и жртви поради силни дождови, суши и продолжени топлотни бранови кои ги уништуваат посадените земјоделски површини и родот на земјоделците, шумски пожари кои уништуваат огромни пространства со дрвја, појава на подзаборавени тропски болести, пропаднати туристички сезони кај скијачките центри поради недостиг на снег и ниски температури се само еден дел од последиците предизвикани од климатските промени кои ги чувствува нашата земја. Македонското општество помина низ сите овие сериозни предизвици изминативе години, но вистинското прашање е колку надлежните власти се подготвени за да одговорат на ваквите катастрофи.
Пред две години, силно одекна информацијата објавена од Призма.мк дека во Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖССП) има само едно вработено лице, на кое примарна работна обврска му е справувањето со климатските промени. Во анализата за институционалните капацитети од бројната државна администрација од 2020 година е наведено дека во десетина клучни институции, на проблематиката со климатските промени работат над 170 луѓе, но на 40-тина тоа им е паралелна работна задача, а на околу 130 им е дополнителна обврска паралелно на главните работни задачи што им се од друга област.
Од сегашна перспектива, од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк објаснуваат дека направена е реорганизација во нивното министерство, во 2022 година поставен е раководител на одделението за клима, а во ова одделение има и двајца вработени. Сепак, многу држави отидоа значителни чекори понапред изминативе години, а најблизок пример е соседна Грција. По катастрофалните пожари што ја зафатија во 2021 година, јужниот сосед се одлучи да ги реформира тогашните институции и целокупниот систем со оформување на Министерството за климатска криза и цивилна заштита и поставувањето на Христос Стилианидис за министер.
И С.Македонија беше зафатена со катастрофални пожари во 2021 година, но од македонското Министерство за животна средина и просторно планирање велат дека засега не е планирана реорганизација на нивното министерство по грчкиот пример. Реорганизација би требало да се случи после реализација на генералниот проект на Министерството за информатичко општество и администрација за реформа на јавната администрација.
„Справувањето со климатските промени не е работа на една институција. Во моментов, на оваа тема работат ЦУК, Дирекција за заштита и спасување, како и други линиски министерства со надлежност за работа на ранливите сектори кон климатските промени (земјоделство). Секторите во МЖССП кои работат во областите природа, биолошка разновидност, води, просторно планирање, спроведуваат активности за превенција, справување и намалување на последиците од климатските промени“, велат за Мета.мк од Министерството за животна средина.
Од Центарот за климатски промени за Мета.мк објаснуваат дека состојбите не се значително променети. Не само што во секоја институција која е засегната страна кога станува збор за климатските промени, нема ниту по едно лице со квалификации и одговорности во врска со климатските промени, туку многу се заостанува и во имплементацијата на релевантните стратешки документи и зацртани таргети во оваа област.
„Како и во многу други сфери, мора да се промени мерит системот и при вработувањето и при унапредувањето во рамките на надлежните институции. Креирањето на средина во која буквално секој може да биде поставен на било која позиција е погубна за институциите и за државата“, појаснуваат од Центарот за климатски промени.
Тие додаваат дека во многу земји има министерства за енергетика и клима за да се стави во фокус интегрираниот пристап во решавањето на прашањата поврзани со климатските промени. Сепак, создавањето на ново министерство или друга институција само по себе не го решава проблемот, туку решавањето на проблемот со слабите капацитети на институциите и определувањето на конкретни улоги и одговорности за секоја институција по прашањата на климата, како и воспоставување на солидна меѓусекторска координација.
Од Центарот за климатски промени го даваат примерот со македонските општини. Регионите кои имаат најголема изложеност на екстремни настани, односно се најранливи на климатските промени се Вардарскиот, Источниот и Североисточниот регион. Токму во овие региони од земјава, голем број општини немаат подготвено Планови за справување со ризици од природни катастрофи, посочуваат од Центарот за климатски промени.
Инаку, Центарот за управување со кризи води база на податоци за екстремните настани од своето формирање во 2005 година, при што утврдено е дека над 80 отсто од евидентираните екстремни настани се шумски пожари или пожари на отворено.
„Потребна е анализа на сите овие записи во базата, која ќе резултира со идентификување на најкритичните места и најкритичните периоди во годината. Во таа насока посебно треба да се зајакнат капацитетите во соодветните области низ тесна соработка со локалните власти во тие подрачја. Општините мора да бидат и технички и кадровски екипирани. Недозволиво е во општина во која се случиле значителен број на пожари или слични екстремни настани, да нема тим за справување со вакви катастрофи и да нема подготвено соодветни плански документи за справување со ризици“, потенцираат од Центарот за климатски промени.
Од позитивниот пример со Грција, Христос Стилианидис во 2021 година ја имаше клучната улога во реформирањето на тамошното министерство, во функција на зголемување на подготвеноста за справување со климатските промени. Новата структура на грчкото Министерство за климатска криза и цивилна заштита фокус ставила на причинско-последичната врска меѓу климатската криза и природните опасности, со нова стратегија која се потпирала на три столба: превенција, подготвеност и отпорност.
Во изминативе две години, Грција направила ремонт на дотогашниот систем за одговор на природните опасности, како и подобрување на структурите на цивилна заштита за справување со влошените климатски услови и отстранување на бирократските пречки.
Неколку интервенции направени во Грција веќе се исплателе во справувањето со ризикот од катасфрофи, како што се: создавање на тесна соработка на ова министерство со Министерството за животна средина и енергетика, како и координираното дејствување со шумската служба и противпожарните бригади во однос на ризикот од шумски пожари. Во Грција се работело конкретно на создавање на нова инфрастрактура во шумите, дополнителни шумски патроли, систематски воздушен надзор на теренот, и што е најважно, зајакнување на Националниот кординативен центар.
Инаку, Мета.мк веќе подолг период наназад ги следи негативните последици од климатските промени во земјава со серијал од написи, почнувајќи од порастот на просечната температура на воздухот, продолжените топлотни бранови и отстапувањата кај просечните врнежи, катастрофалните последици од уништувањето на дрвниот фонд на македонските шуми, проблемот со високиот процент на неприходувана вода за пиење, недостатокот на снежни врнежи во зимските рекреативни центри и изминатава пропадната туристичка сезона и здравствените проблеми кои произлегуваат од глобалното затоплување кај граѓаните.