Климатските промени во Македонија: Снег зимава немавме, температурите лани над просекот [инфографик]

Во македонскиот главен град изминатава зима немаше ниту еден ден со снежна покривка, што е невообичаена појава која не се памети со години наназад

Скијачкиот центар Попова Шапка без снег за време на божиќните празници, јануари 2023 година; Фото: Мета.мк

Акутниот проблем со глобалното затоплување бил присутен во Македонија и во 2022 година, земајќи го во предвид фактот имало повисоки просечни температури на воздухот доколку се споредат со тридеценискиот просек за периодот 1981-2010 година. Позитивното отстапување од средногодишните просечни температури на воздухот на национално ниво лани изнесувало 0,7 Целзиусови степени, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Според извршените мерења, убедливо најтопол месец бил декември 2022 година, кога просечната температура била надмината за дури 3,8 Целзиусови степени во однос на средногодишната температура за земјава што била карактеристична за периодот меѓу 1981 и 2010 година. Поголеми отстапувања од просекот имало и во ноември, кога просечната температура на воздухот во Македонија била за 2,7 Целзиусови степени над просекот на национално ниво.

Само четири месеци во текот на минатата година во земјава имало просечна температура на воздухот која била пониска од просечно измерените средногодишни температури за тридеценискиот период. Глобалното затоплување веќе неколку години по ред има силно влијание и врз Македонија, а измерените податоци покажуваат дека исто како и во 2022 година, натпросечни температури на воздухот во земјава биле измерени и во текот на 2021, 2020 и 2019 година, според официјалните мерења на УХМР.

Измерените податоци за просечното количество на врнежи во 2022 година покажува дека најголеми отстапувања имало во текот на летните месеци, кога се регистрирани натпросечни врнежи во однос на просекот на врнежи за Македонија за периодот 1981-2010 година. И покрај значителното поголемо количество на врнежи од 50 отсто во текот на минатото лето, 2022 била генерално во рамките на просекот според количеството на врнежи, односно имало негативно отстапување од просекот кај врнежите за 9 отсто во однос на референтниот тридецениски период за споредба.

Минатата есен била просечно влажна, додека пролетта и зимата биле посушни во споредба со просечните врнежи за периодот 1981-2010 година. Позначителни сушни периоди лани во Македонија имало во јануари, март и октомври, кога количеството на наврнат воден талог било речиси половина од просечната вредност измерена меѓу 1981 и 2010 година.

Македонија не е исклучок во Европа

Сервисот за климатски промени „Коперник“ на ЕУ на почетокот од годинава веќе објави дека 2022 година била година на екстреми во Европа, со многу срушени температурни рекорди и континуиран пораст на концентрациите на стакленички гасови во атмосферата, кои всушност и го предизвикуваат растот на температурата на воздухот.

„Летото 2022 година беше најтопло досега за Европа и, севкупно, минатата година беше втора најтопла година за Европа, додека на глобално ниво беше петта најтопла година“, се наведува во објавениот извештај на „Коперник“.

Глобалните климатски моменти од 2022 година, кои ги сумираат температурите од изминатата година, концентрациите на стакленички гасови и значајните климатски и временски настани, покажуваат дека неколку температурни рекорди се срушени и во Европа и ширум светот, додека други екстремни настани како суши и поплави зафатиле големи региони.

„Европа го забележа своето најжешко лето некогаш забележано (претходното најжешко лето беше во 2021 година) и неколку продолжени и интензивни топлотни бранови зафатија делови од западна и северна Европа. Есента беше трета најтопла според рекордот, со повисоки температури претходно измерени само до 2020 и 2006 година, додека зимските температури беа околу 1°C над просекот“, се наведува во извештајот на „Коперник“ за 2022 година.

Негативните последици од климатските промени

Мета.мк веќе подолг период наназад пишува за негативните последици од климатските промени врз земјава. Многумина се сеќаваат на катастрофалните шумски пожари што ја зафатија Македонија во летниот период од 2021 година, но како земја токму периодов силно ја почувствуваме и екстремно топлата зима. Во голем дел од македонските градови, вклучувајќи го и Скопје, зимава воопшто не беше формирана снежна покривка, а проблеми со недостигот на снег во декември и јануари имаа и зимско-рекреативните центри во земјава. Во македонскиот главен град изминатава зима немаше ниту еден ден со снежна покривка, што е невообичаена појава која не се памети со години наназад.

Со недели доцни скијачката сезона поради топлото време, туристичките центри низ земјава во була

Неодамна објавивме и за проблемите кои глобалното затоплување може да ги предизвика од аспект на евентуално интензивно распространување на заразни заболувања во географски предели каде досега не биле регистрирани. За ова предупредува асс. д-р Драган Кочински, специјалист епидемиолог во Одделот за епидемиологија на заразни болести при Институт за јавно здравје, при што во интервју за Мета.мк ги спомена болестите, меѓу кои се маларија, зика и лајмска болест.

Глобалното затоплување може да ни донесе маларија, зика, лајмска болест и други заразни заболувања