„Би-би-си“: Како може Брексит да влијае на најелитната фудбалска лига во светот?


Лондон, 24 јуни, 2016 - 12:52 (META) 

Одлуката за излегување на Европската Унија, што вчера ја донесоа британските граѓани, освен што ќе влијае на финансиите и на социјалните услови на островот, можно е да ја погоди и најелитната фудбалска лига во светот – англиската Премиер-лига, оценуваат телевизиските куќи „Би-би-си“ и „Скај њуз“.

Лигата, велат анализите, најпрво ќе биде погодена од околноста што фудбалерите што доаѓаат од континенталниот дел на Европа одново ќе мораат да минуваат низ процесот на добивање визи, додека процесот на добивање работни дозволи во Велика Британија дополнително ќе ги комплицира работите.

Еден од првите услови за добивање на работните дозволи кои мораат да ги исполнат играчите доколку не доаѓаат од земја членка на ЕУ е да имаат одреден број настапи за националните тимови.

Ова го доведува во прашање, пишуваат медиумите, доаѓањето на Антони Марсијал и Н’Голо Канте како засилувања на тимот на Манчестер јунајтед, односно на Лестер Сити.

Случувањата во најава, за кои известуваат телевизиите, ги предвиде претсдателот на клубот Вест Хем, кој минатата година испрати писмо до клубовите во Англија, Шкотска и во Велс, во кое предупреди на „разорните последици по фудбалот доколу Велика Британија ја напушти ЕУ“.

Од друга страна, постои можност британската влада да ја ублажи ситуацијата, со промена на правилата за добивање на дозволите, но доколу тоа не се случи, прогнозите се дека цената на англиските интернационалци ќе стане многу висока, ситуација од која профит ќе имаат клубовите од другиот дел на Европа.


Аутсајдерот Лестер, нов шампион на Премиер-лигата


Лестер, 3 мај, 2016 - 13:41 (META) 

Екипата на Лестер ја освои шампионската титула во Премиер-лига, што во Англија, но и во целиот свет се коментира како еден од најголемите спортски настани на сите времиња.

Шансите за Лестер, кој сезонава влезе во Премиер-лигата, да ја освои титулата беа 5.000 спрема 1, но екипата имаше само три порази во лигата, што англиските медиуми го опишуваат како „бајка“ и како „најневеројатниот триумф во историјата на тимскиот спорт“.

Второпласираниот Тотенхем, по нерешените 1 – 1 на Лестер со Манчестер јунајтед во неделата, требаше да ги добие преостанатите три меча за да ги достигне „лисиците“.

Сепак, нерешениот резултат од 2 – 2 со Челси ги закопа сите шанси за Тонтенхем и го промовираше Лестер во нов шампион во најсилната фудбалска лига во светот.

Гери Линекер, поранешен играч на Лестер, на Евертон и на репрезентацијата на Англија, достигнувањето на тимот од својот роден град, за „Би-би-си спорт“ го опишал како најголем спортски шок во неговиот живот.


Мурињо не е повеќе тренер на Челси


Лондон, 17 декември, 2015 - 17:11 (META) 

Жозе Мурињо повеќе не е е тренер на Челси, откако денеска бил разрешен од функцијата, јавува „Би-Би-Си“.

„Фудбалскиот клуб Челси и Жозе Мурињо денеска се збогуваа со заемна согласност. Сите од Челси му се благодарни на Жозе за неговиот извонреден придонес по неговото враќање во клубот, летото 2013 година“, било наведено во соопштението од лондонските „сини“.

Раздлебата на Челси со Мурињо доаѓа седум месеци откако португалскиот стратег го однесе клубот до титулата во Премиер-лигата и го освои Лига-купот.

Сепак, во новата сезона Челси загуби девет од 16 мечеви во Премиер-лигата и е на 16. место на табелата. Последниот натпревар за Мурињо на кормилото на Челси беше во понеделникот, кога сега веќе неговиот поранешен тим загуби со 2 – 1 од Лечестер Сити, кој во моментов е прв на табелата во Премиер-лигата.

Како што пишува „Би-Би-Си“, сопственикот на Челси, Роман Абрамович, веќе е во потрага по нов тренер, а како можни наследници на Мурињо се споменуваат Пеп Гвардиола, Гус Хидинг, Брендан Роџерс и Хуан де Рамос.