Два протести во ист ден на судската администрација се случува денеска во Скопје, со барање за зголемување на платите за 78 отсто. Едниот протест го организира Независниот синдикат на судска администрација, додека другиот Синдикатот на работниците од управата, правосудните ограни и здруженијата на граѓани (УПОЗ). Двата протести се организираа на различни локации, односно пред Кривичниот суд, Министерството за правда, Министерството за финансии, владиното седиште и Собранието на РСМ.
Од Синдикатот на работниците од управата, правосудните ограни и здруженијата на граѓани (УПОЗ) информираат дека судската администрација e незадоволна од висината на нивните плати.
„Повторно судската служба е на улица. На почетокот на судската ферија, само скопските судови излеговме на двочасовен протест и побаравме 78 осто зголемување на платата и враќање на додатоците на плата, како што тоа го добија функционерите. Денеска, членовите на синдикатот на УПОЗ и другите вработени, кои не се членови“, рече претседателот на УПОЗ Трпе Деаноски.
Деаноски рече дека од 2.000 вработени во судовите, на денешниот протест во Скопје дошле 1.000 вработени и дека ваквиот податок треба да е доволна порака за надлежните власти.
„Работата во судовите е тимска, доколку еден вработен не си ја заврши работата, судијата нема да може да донесе пресуда. Идната недела и колегите од државното правобранителство најавија штрајк, колегите од обвинителствата вчера започнаа штрајк“, додаде тој, предупредувајќи дека ќе се парализира целото правосудство.
Денешниот протест доаѓа откако вчера администрацијата во јавните обвинителства низ земјава објави дека почнува штрајк за повисоки плати. Вработените во обвинителствата исто така бараат зголемување на месечните примања за 78 отсто по примерот на функционерите, како и враќање на додатоците на плата во висина од 35 отсто.
Штрајкот се спроведува во сите 28 обвинителства во земјава и ќе трае до исполнување на нивните барања, а за време на штрајкот ќе се извршуваат единствено итни и неодложни работи.