Министерството за економија ги презентираше трите јавни повици од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво (КИП) за 2021 година, за поддршка на домашни компании, објавени пред десетина дена. Околу 663 илјади евра се предвидени за субвенции за микро и мали претпријатија, за женско претпримеништво и за занаетчии, за нивни пријавени трошоци во 2020 и во 2021 година.
За микро и мали компании рокот за аплицирање е до 16 април, а е предвидена финансиска поддршка во висина од 50 отсто од прикажаните трошоците за набавка на машини, алати и фотонапонски панели, за што вкупно од буџетот на Министерството за економија се определени 30,7 милиони денари (500 илјади евра), при што еден апликант може да добие максимум 400 илјади денари.
Доколку компанијата е управувана од жена, субвенцијата се зголемува за 10 отсто, информира на прес конференција, министерот за економија Крешник Бектеши.
За поддршка на женско претприемништво, односно за компаниите кои 50 отсто се управувани од жени, се предвидени субвенции од 80 отсто за покривање на трошоците направени лани и годинава за алати, уредување на деловни простории и софтверски решенија. Вкупно за ова се предвидени 4 милиони денари, а секој апликант ќе добие по 150.000 денари максимум. Огласот за овие компании ќе трае до 30 април годинава.
Занетчиите кои ќе се јават на огласот, ќе имаат шанса да добијат покривање на 60 отсто од трошоците, а секој посебно ќе може да добие по 120.000 денари најмногу. Вкупната сума што е предвидена за субвенции за нив, изнесува 6 милиони денари и рокот за аплицирање е исто така, 30 април годинава.
„За прв пат годинава, средствата од овите јавни повици ќе се реализираат според начелото на рамноправен, регионален развој, односно најмногу ќе добијат апликантите од малку развиените региони во земјава, а помалку оние од равиените. Така, според степенот на развиеност, 17,3 отсто од вкупните субвенции ќе има за Североисточниот регион, како најмалку развиен, за Вардарскиот 14,3 отсто, југозападниот 13,3 отсто, полошкиот 13,2 отсто, пелагонискиот 11,9 отсто, источниот 11,3 отсто, Југоисточниот 11,1 отсто, а компаниите од Скопскиот, како најразвиен регион, ќе имаат на располагање 7,2 отсто од вкупните субвенции. Поделбата на средствата ќе биде принципот прв дојден, прв услужен, а доколку некои не се искористат, ќе бидат пренаменети во други региони“, изјави Бектеши.
Инаку, КИП е проектирана на вкупно 68,8 милиони денари од кои 50 милиони денари се за развој на микро, мали и средни претпријатија, и занаетчиство, 13 милиони денари се за имплементација на мерки од Индустриската стратегија, 4,8 милиони денари се за поддршка и развој на кластерското здружување, а 1 милион денари се субвенции за приватни претпријатија–инвестиции и општествена одговорност.