„Студентски пленум“ изразува незадоволство од методот и од начинот на кој Владата се обидува да ги поткупи студентите за да заборават на проблемите и на условите во студентските домови, пишува на фејсбук-страницата на пленумот.
Тие реагираат на вчерашната изјава на премиерот Николa Груевски, кој вети патувања на атрактивни дестинации за студентите што ќе покажат успех поголем од 9,50.
– Премиерот Никола Груевски треба да знае дека откако студентите со просек поголем од 9,50 ќе ја искористат неговата мерка, која веројатно во главите на министрите и во неговата е некаква стимулативна мерка за повеќе труд и учење, ќе се вратат во брутално лошите студентски домови, каде дури и животите им се понекогаш во опасност. Го известуваме премиерот, доколку не знае, дека студентските домови во Македонија се олицетворение на хоророт и на сјајот на бедата, што е недозволиво – пишува во нивниот статус.
Тие бараат веднаш, како што ги нарекуваат, „дневно-политичките поткусурувања и популистички мерки кои никому не му носат добро“, да се тргнат од образованието и од студентскиот стандард и конечно Владата да покаже реален интерес за решавањето на горливите проблеми.
– Решението не е во таблетите и во патувањата во Париз и во Лондон, туку во реновирањето на сите студентски домови, кревање на студентскиот стандард, бенефиции за студентите и развивање на квалитетно образование, кое нема да биде задушено од парцијални дневно-политички „реформи“ – додаваат од „Студентски пленум“.