Студентите утре ќе протестираат заради доцнењето на исплатата на стипендиите и ваучерите за превоз

Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, заедно со Факултетските студентски собранија на УКИМ и со поддршка од Универзитетските студентски собранија на УКЛО, УГД, Мајка Тереза, АУЕ-ФОН и Американ Колеџ ги повикаа студентите да се соберат утре, во 14 часот, пред зградата на МОН

фото: Мета.мк

Студентите утре ќе излезат на протест пред Министерството за образование, како знак на револт заради ненавременото исплаќање на обврските кон нив. Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, заедно со Факултетските студентски собранија на УКИМ и со поддршка од Универзитетските студентски собранија на УКЛО, УГД, Мајка Тереза, АУЕ-ФОН и Американ Колеџ ги повикаа студентите да се соберат утре, во 14 часот, пред зградата на МОН.

Како што посочуваат од УСС УКИМ, протестот се организира да се истакне потребата од поголема ефикасност на институцијата, за да се искаже револтот на студентите ненавремента исплата на продолжените студентски стипендии, задоцнетите исплати на ваучерите за превоз и доцнењата со исплатите по склучувањето на спогодбите за ретроактивна исплата на стипендиите. Студентите на протестот ќе ги истакнат и проблемите со субвенционираниот студентски оброк и непочитувањето на зададените рокови и координираноста помеѓу одделенијата во институцијата.

„Како студенти, време е да ги кренеме своите гласови и обединето да излеземе против неправдите врз нас и против неефикасното работење на Министерството за образование! Затоа, Универзитетското студентско собрание ве повикува да го проследите протестот и да нѐ поддржите со тоа што ќе ја уважите и проследите нашата видливост на улиците и екраните“, стои во повикот од УСС УКИМ.