Студентите ќе бидат под строг надзор за време на онлајн полагањето испити на ФИНКИ

Фото: Christina @wocintechchat.com на Unsplash

Студентите во државата повеќе од два месеци следат настава онлајн. Во овој период се прават подготовки за колоквиумската недела, а факултетските раководства и професорите се подготвуваат за полагање испити на далечина, онаму каде што природата на студиите го дозволува тоа. Се чини дека најподготвен за овој подвиг очекувано е Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ), кој освен што изгради систем за онлајн учење на факултетот, им помогна и на останатите факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ да го прават истото.

Деканот на ФИНКИ, проф. д-р Иван Чорбев за „Мета“ вели дека ги создале сите услови за полагањето да биде веродостојно и да се минимизира можноста за мамење на испитите.

Деканот на ФИНКИ, Иван Чорбев | Фото: лична архива

„На нашиот факултет студираат околу 4.000 студенти. Заради големиот број на студенти и на испити, тие ќе се полагаат онлајн, почнувајќи од 15 јуни. Имаме студенти кои се од други градови, па не е изводливо и ризично е да доаѓаат да полагаат овде со физичко присуство во компјутерските лаборатории“, вели Чорбев.

Тој додава дека за да се обезбеди поголема објективност во оценувањето, кандидатите ќе бидат снимени во лицето и во рацете за време на испитите, а професорите ќе го гледаат нивниот десктоп и ќе следат дали во моментот додека одговараат бараат помош преку четови со нивни колеги.

„Ќе монитотраме симултано 15 студенти и ќе следиме кои веб-страници ги отвараат и дали разменуваат информации со други лица. На тој начин ќе се обезбеди фер и реално оценување“, појасни Чорбев.

На прашањето, што ако некој се обиде да мами со слушалка која е тешко да се види, тој вели дека веројатноста тоа да помогне е мала.

„Секој студент ќе добие различна задача. Задачите нема да се за сите студенти исти. Во исто време ако полагаат 15 студенти, секој од нив ќе има различна задача, вели Чорбев додавајќи дека ако се предвидени казни за оние што ќе бидат фатени дека полагањето во вршат на нечесен начин, како на пример забрана за полагање во следната сесија, забрана за полагање предмети и слично.

„Мамење секогаш има, дури и во предавалната или во компјутерската лабораторија, но студентите треба да знаат дека тоа е на нивна штета“, потенцира деканот.

Во случај ако за некои испити нема услови да се полагаат онлајн, тогаш ќе се обезбеди полагање во лабораторија, со почитување на протокол за заштита, кој вклучува и дезинфицирање на компјутерите по секоја употреба.

Професорите на ФИНКИ им овозможија на останатите факултети на УКИМ да работат од дома со помош на „Мајкрософт тимс“. Тоа е бесплатна платформа за академски институции во која сите професори и студенти се со истиот домеин. Преку „Мајкрософт тимс“ тие одржуваат и телеконференциски часови.

„Ова овозможува студентот да ја врати снимката од предавањето ако нешто не успеал да забележи, што не е случај со предавањата во живо во предавалница или амфитеатар“, вели деканот.

Тој додава дека овој начин на работа не е идеален, но покриени се сите аспекти.

„Важно е да не се форсира физичко присуство бидејќи одговорноста наша како раководство во однос на заразата, е голема. Сето ова е на личен товар на професорите, имаат пообемна работа, имаат различни задачи и е напорно зашто инсталираат, снимаат видеа, но главната цел зошто го применуваме овој начин на работа е да не наштетиме на јавното здравје“, завршува Чорбев.