Студентите ги добија првите средства за субвенциониран студентски оброк

Студентите кои го остварија правото на студентски оброк во рамки на првиот рок кој траеше во текот на август, денеска на своите трансакциски сметки ги добиле првите средства во износ од 1.440 денари.

Како што соопштуваат од МОН, средствата се однесуваат за периодот од 15 септември, кога стапи на сила законот со кој е регулирано ова право, до 1 октомври.

Целосната месечна сума која студентите ќе ја добиваат на сметка во наредните 9 месеци изнесува 2.400 денари месечно – средства наменети за купување здрави оброци.

Од МОН соопштија дека денес се исплатени вкупно 27,7 милиони денари на 17.836 студенти.

„Информираме дека исплатата ќе продолжи да се реализира согласно одредбите од Законот за субвенциониран студентски оброк, односно во првата недела од секој тековен месец, а ќе се однесува на изминатиот месец, со цел да се провери статусот на студентот, односно дали истиот и натаму ги исполнува условите за користење на правото на субвенција, препорачана за купување здрава храна“, велат од МОН.

Инаку, од денеска студентите повторно може да аплицираат за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк.

Вториот рок кој трае до 31 октомври се однесува на сите новозапишани студенти – бруцоши, но и на оние кои ги исполнуваат условите, а не успеале да се пријават и да го остварат ова право во првиот рок кој заврши во август.

„Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ и многу едноставно, со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка“, појаснуваат од МОН.

Од таму потсетуваат дека во рамки на првиот рок пристигнале над 21.000 апликации, од кои правото на студентски оброк го оствариле вкупно 18.149 студенти.

МОН додава дека во фаза на разгледување се сите пристигнати приговори, а подносителите на приговорите за конечната одлука ќе бидат известени во текот на следната работна недела.