Стормгејт – нова бесплатна стратегија што треба да ја врати популарноста на овој жанр на игри

Приказната во играта се случува на Земјата кога ќе се отвори процеп од „друга димензија“ но и од нашиот универзум од каде навираат демонски грдосии и крадачи на ресурси и животна сила наречена „анима“

Стормгејт - скриншот од https://playstormgate.com/

Ако сте фанови на веќе добро познатите Воркрафт (Warcraft), Старкрафт (Starcraft) и Команд енд конкр (Command and Conquer) тогаш ќе треба да ја проверите новата најавена игра Стормгејт (Stormgate), која ќе биде бесплатна. Наводно, Стормгејт е стратегија во реално време (Real Time Strategy) која има елементи на овие три игри. Трејлерот беше објавен на Game Awards, а неодамна имаше затворени тестирања од кои и беше објавен гејмплеј и скриншоти.

Старкрафт, а особено експанзијата Брудвор (Brood War), беше една од најиграните игри по играчниците кај нас, што беше посебен феномен на здружувањето на млади луѓе од различни маала во нови пријателства.

Љубителите на стратегии најчесто нивните почетоци во овој жанр ги имаа со Команд енд конкр игрите, а играњето продолжи и со Воркрафт 3. Таа нудеше и подобра приказна, но таму практично се играше со помалку единици и со правење еден вид банда предводена од херој што левелира.

Ова кулминира во Дота 1 па потоа во Дота 2 и ЛОЛ (League of Legends), а во меѓувреме гејмерите го изгубија интересот за играчници па најчесто се игра од дома. Светската популарност на овој жанр на игри несомнено може да направи одличен камбек со Стормгејт. 

Стормгејт ги комбинира сите овие игри, така што придодава и нови инвентивни  карактеристики – наместо да се префрлате со шорткати со Ctrl, Alt и Shift за обележување згради и единици – градењето во Стормгејт може плански да се намести однапред.

Сега за сега е прикажан само еден херој Паладин во Стормгејт. Приказната во играта се случува на Земјата кога ќе се отвори процеп од „друга димензија“ но и од нашиот универзум од каде навираат демонски грдосии и крадачи на ресурси и животна сила наречена „анима“.

 

Но нема да ви ја расипуваме приказната предвреме, ќе оставиме да дознаете повеќе играјќи ја играта кога ќе излезе. 

Играта е најавена дека ќе биде бесплатна на платформата Стим (Steam) но ќе треба да се почека да дојде во предвремен пристап (early access). Се очекува да го резаживее жанрот на стратегии во реално време и новите генерации да го почувстуваат дражот на стратегиите без разлика дали ќе биде компетитивно играње или играње на интересна приказна што најчесто и ја има во вакви игри.

Моментално Стормгејт е во Кикстартер фаза и тестирања, а тие што ќе ја поддржат финансиски додека се развива ќе имаат предвемен пристап при излегувањето и развивањето на играта. Сепак одамна немало врвна RTS игра по Старкрафт II која беше и малку исфорсирана во е-спортовите. Стормгејт покажува потенцијал да стане новата омилена RTS особено затоа што ќе биде и квалитетна и бесплатна.