Зградата на Стејт департментот во Вашингтон | Фото: AgnosticPreachersKid, CC BY-SA 3.0, Викимедија комонс

САД ги повикаа Бугарија и Северна Македонија да ги решат билатералните спорови надвор од пристапниот процес, за да се постигне заедничката цел за членство на Северна Македонија во Европската Унија, јави Гласот на Америка.

„Ние сме јасни во нашата желба да видиме кандидатурата на Северна Македонија да влезе во преговарачката рамка до крајот на оваа година“, изјавил портпаролот на Стејт департментот за Глас на Америка, нагласувајќи дека ги поздравува напорите за преговори.

Во изјавата се вели дека „процесот на проширување промовира долгорочен мир, стабилност и просперитет низ регионот. Одлуката на ЕУ во март, да ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија беше позитивен чекор, и го негираше лажниот наратив дека трансатлантската заедница го запоставила Балканот“.

„Одложувањето на пристапот на овие држави во ЕУ ризикува да се обноват прашањата за кредибилноста на ЕУ во регионот“, вели портпаролот на Стејт департментот, додавајќи дека САД се силен поддржувач на евроатлантската интеграција на Западниот Балкан.