[Станица: Студентска 8] Маџаров: Доаѓа ера во која вештачката интелигенција ќе биде алатка за секого

Професорот Маџаров кој своето предавање го одржа во првиот дел од „Станица: Студентска“, зборуваше за развојот на вештачката интелигенција, можностите кои ги носи, но и етичките дилеми што ги отвора напредувањето на технологијата

фото: Мета.мк

Развојот на вештачката интелигенција отвора многу нерешени прашања, а меѓу најважните е „Кој ќе сноси одговорност за тоа што ќе се случува?“. Трката меѓу компаниите во развој на технологија е веќе започната и е безобразна.

Ова го истакна професорот Ѓорѓи Маџаров од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) на денешното предавање „Потенцијали и ризици на вештачката интелигенција и ChatGPT“ што се одржа во рамки на настанот „Станица: Студентска 8“.

На овој еднодневен настан бројни студенти и млади дојдоа да ги проследат предавањата на интересни и важни теми, но и работилниците за стекнување разни вештини.

Професорот Маџаров кој своето предавање го одржа во првиот дел од „Станица: Студентска“, зборуваше за развојот на вештачката интелигенција, можностите кои ги носи, но и етичките дилеми што ги отвора напредувањето на технологијата.

Маџаров рече дека вештачката интелигенција не е ништо ново и дека веќе со години се сретнува насекаде – на социјални мрежи, на стриминг платформи, продавници. Тоа што досега беше случај, додава професорот, е што најчесто обичниот човек бил консумент на резултатите на ВИ, а сега доаѓа нова ера во која ВИ ќе биде алатка за секого.

„Во рамките на оваа нова ера, вештачката интелигенција е алатка за секого, односно за секоја дејност. Секоја индустрија ќе доживее огромна промена во ова општество кое сега го гледаме и сега го живееме“, рече Маџаров.

Професорот на присутните млади им порача оти не треба да се плашиме од промените на општеството што ги носи технологијата, туку едноставно да ја прифатиме новата ера и да знаеме како да ги искористиме можностите што ни ги носи.

„Не смееме да кажеме дека, готово е, сè пропаѓа. Обидете се секогаш работите да ги гледате од позитивната страна и обидете се да најдете начин како да ги користите новите технологии. Еден од најдобрите начини е нонстоп да се образувате, односно постојано да учите. Нема запирање“, истакна Маџаров.

Факултетите во Македонија, освен оние за информатички науки, не нудат курсеви за запознавање со програмирањето

Програмирањето денес претставува алатка која е потребна во сите индустрии, а за жал, нашите факултети, освен оние за информатички науки, речиси и да не нудат курсеви за запознавање со програмирањето.

„Она што сè повеќе го гледаме во останатите дејности е што и другите индустрии започнуваат интензивно да ги користат алатките на програмирањето. Да, другите можеби не се професионални програмери, меѓутоа при нивната работа знаат како треба да го користат програмирањето и која алатка во рамки на најновите технологии треба да ја користат. Тоа е начинот на кој треба да размислувате. За жал, кај нас во рамките на останатите факултети, сè уште немаме такви курсеви каде што ќе можат останатите колеги и студенти да се запознаат со тоа кои алатки се важни за нивната струка, како да ги користат, кои се трендовите и што е она што ќе треба да го направат за да можат да бидат компетитивни во рамки на дејноста што ја избрале“, рече Маџаров.

Трката за развој на ВИ етешка – оној кој ќе биде прв, ќе биде најдобар

Професорот на предавањето се фокусираше на јазичните модели како ChatGPT, за кои рече дека, покрај тоа што нивното тренирање бара серверска инфраструктура, потребни се и огромни финансии.

„Тренирањето на еден ваков модел со стотици милиони параметри, покрај тоа што бара огромна серверска инфраструктура, бара и од 40 до 100 милиони долари – само тренирањето. Што значи ова? Нема универзитет што ќе може да си дозволи тренирање на еден ваков модел. Ниту компании, освен неколкуте најголеми. Трката ќе стане тешка, со тоа што оној кој ќе биде прв, ќе биде најдобар“, појасни Маџаров, додавајќи дека кога се зборува за етичка вештачка интелигенција, тогаш треба да се знае која компанија стои зад неа, како истата е тренирана и врз основа на какви податоци.

Професорот ги сподели и резултатите од неколку истражувања според кои кај 19 отсто од работните места, најмалку половина од работните задачи веќе можат да бидат автоматизирани. Први на удар, додаде Маџаров, ќе бидат професиите за кои досега се сметаше дека се најважни и за кои е потребна универзитетска диплома.

Инаку, покрај предавањето за потенцијалите и ризиците на вештачката интелигенција, во рамки на настанот Станица: Студентска 8 имаше предавања и за отпочнување стартапи, градење на мир и помирување, бидувањето писател во Македонија, правата и должностите на младите при контакт со полицијата, како и спалеологијата и пештерите. Покрај ова, младите и студентите имаа можност да посетат и велосипедска работилница, како и работилница за цртање на платнени торби.

На осмото издание на „Станица: Студентска“ се претставија повеќе студентски организации, а присутните се опуштија и со музика.

Настанот се одржа на Градежниот факултет во Скопје, а беше организиран од  Младинскиот образовен форум (МОФ) и Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), а со поддршка од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС-УКИМ).