Нема професионално новинарство додека над глава постои закана од отказ, страв од укинување на медиумот во кој работите преку ноќ, е еден од заклучоците на конференцијата „За медиумските работи“, која беше организирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и е дел од проектот „Работнички права на медиумските работници“ поддржан од британската амбасада во Скопје.
– Сопствениците на медиумите имаат газди, политичари, кои сакаат да владеат по секоја цена. Излезот е само во солидарна борба, пркос, сполотеност – рече Драган Антоновски од ССНМ.
Британскиот амбасадор Чарлс Гарет рече дека битката за професионално новинарство е долга, а правата на новинарите и на медиумските работници се дел од човековите права.
– Европската унија некоку години по ред изразува загриженост за состојбата со медиумите во Македонија. Загрижени сме за медиумските слободи, работничките права, сигурноста во работата. Посреќни вработени значи подобар успех на медиумите – смета Гарет.
Истражувањето на ССНМ покажува дека само еден отсто од медиумските работници во земјава се сигурни во своето работно место, а 77 отсто се изјасниле дека се плашат за својот работен однос во медиумот каде што работат.