Неколку илјади лица денеска пристигнаа во Сребреница за да им одадат почест на жртвите во масакрот. Се очекува денеска во Поточари да има повеќе од 50.000 лица. Дваесет годни по геноцидот, ќе бидат закопани остатоците на уште 136 жртви.
Меѓу посмртните остатоци има и такви што им припаѓаат на 18 малолетници, помлади од 16 години. Родителите минале низ мачна идентификација, а ќе можат да закопаат само неколку коски. Досега во Поточари се закопани 6.241 жртва.
Во Поточари пристигнаа и учесниците на Маршот на мирот, кои три дена го пешачеа патот кој пред 20 години беше маршот на смртта. Се проценува дека 15.000 лица тогаш се обиделе да побегнат низ шумите и преку планините, но само една петтина од нив успеале да преживеат.