Србија ја одобри вакцината на „Фајзер/Бионтек“ за деца од 12 до 15 години

Извор на фотографија: Министерство за здравство

Агенцијата за лекови и медицински средства на Србија ја одобри вакцината против ковид-19 на производителот „Фајзер/Бионтек“ за деца на возраст од 12 до 15 години, јавува Радио-телевизија Србија. Како што јавува српскиот јавен сервис, во Србија досега се имунизирани 16 отсто од младите лица.

Павле Зелиќ од српската Агенција за лекови во интервјуто за Радио-телевизија Србија утрово информираше дека издаденото одобрение е во согласност со максималното почитување на највисоките стандарди во регулациската пракса. Притоа, српските власти планираат оваа вакцина на „Фајзер/Бионтек“ најпрво да ја даваат на децата кои боледуваат од хронични болести.

„Не смееме да им ја одземеме оваа можност, кога постои заштита од ковид и за помладите пациенти кои се загрозени од новите варијанти на вирусот – мора да им дадеме шанса“, изјави Павле Зелиќ од српската Агенција за лекови во однос на децата кои имаат хронични болести кои со нетрпение ја очекуваат вакцинацијата.

Откако ќе бидат имунизирани децата со хронични болести на возраст од 12 до 15 години, во Србија со вакцината на „Фајзер/Бионтек“ ќе може да се вакцинираат и другите деца од оваа возрасна категорија.

Во оваа балканска земја вакцината на „Фајзер/Бионтек“ досега се даваше на младите лица на возраст до 16 години, а пред неколку недели во Србија беше иницирана зголемена активност на Министерството за здравство и кампања на владата за зголемување на процентот на имунизација на студентите, средношколците и другите млади лица против ковид-19.