„Спотифај“ не презема ништо додека Џо Роган „продава“ дезинформации за вакцините

Во епизодата на поткастот на Роган, тој и неговиот гостин Кенеди не пропуштија да искоментираат ниту една тема што беше актуелна за време на ковид-пандемијата: теории на заговор за вакцините, 5Г и Wi-Fi технологија и ивермектин

фото: Reet Talreja на Unsplash

Поткаст-водителот Џо Роган и милијардерот Илон Маск го нападнаа професорот по микробиологија и поборник за јавно здравје Питер Хотез кој неодамнешното интервју на Роган со теоретичарот на заговори против вакцините, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, го нарече „бесмислица“.

Откако Хотез го твитна написот на порталот „VICE“ (Вајс) за недостатокот на модерирање на содржини на „Спотифај“ околу дезинформациите на Роган во спорната епизода, Роган го предизвика професорот да дебатираат за Роберт Кенеди, истовремено нудејќи хуманитарна донација од 100.000 долари доколку поканата е прифатена.

Во епизодата на поткастот на Роган, тој и неговиот гостин Кенеди не пропуштија да искоментираат ниту една тема што беше актуелна за време на ковид-пандемијата: теории на заговор за вакцините, 5Г и Wi-Fi технологија и ивермектин, пишува „Врџ“.

Кон дискусијата на Твитер се приклучи и сопственикот на платформата – милијардерот Илон Маск, кој го обвини професорот Хотез дека ги „мразел добротворните организации“ затоа што не ја прифаќал дебатата.

Професорот Хотез, пак, на Твитер напиша: „Штотуку пред мојот дом ме демнеа неколку антиваксери кои ме тераат да дебатирам за Роберт Кенеди“.

Во написот на „Вајс“ е цитиран портпаролот на „Спотифај“ кој вели дека, бидејќи Роган и Кенеди никогаш не рекле оти Ковид-вакцините се дизајнирани да убиваат луѓе, епизодата не ги крши правилата.

Роберт Ф. Кенеди има долга историја на коментари против вакцините кои станаа особено истакнати за време на пандемијата, пишува британски „Индепендент“. 69-годишникот е внук на некогашниот американски претседател Џон Ф. Кенеди, а на почетокот од годинава ја објави својата кандидатура за претседател на следните избори во САД.

Аудио платформата „Спотифај“ пред повеќе од три години потпиша договор со Роган во вредност од 100 милиони долари и воспостави нов сет на правила за дезинформации откако бројни музички ѕвезди ја повлекоа својата музика од платформата во знак на протест поради тврдењата на Роган, за кои претходно немаше никаква реакција од страна на „Спотифај“.

Сепак, и покрај воспоставените правила и политики, заговорите дискутирани во поткастот „The Joe Rogan Experience“ и понатаму стануваат вирални на социјалните мрежи.

Според страницата „JREmissing“ која ги следи избришаните епизоди од поткастот, досега биле отстранети вкупно 111 епизоди водени од Џо Роган.