„PC Gamer“ месецов навршува 30 години откако почна да известува за најновите и подобри видеоигри, но и за новитетите во хардвер – особено графички карти и издадоа специјален број од списанието што може да се купи и електронски и во материјална форма.
Некогашните компјутерџии кај нас кои се трудеа да бидат во чекор со светот го имаа ова списание достапно и навремено во верзијата на српски јазик и повеќето го купуваа токму во форма на списание од трафики. Иако се правеа дискусии за најдобрите игри и препораки, луѓето што учеа за компјутерски сервисери преку ова списание добиваа објаснувања и известувања за тоа како работи своевремено најдобриот хардвер, но и новости од гејминг светот за време на зачетокот на интернетот.
Интензитетот на обезбедување објективни мислења, и според статистики и според вкусот на уредниците, не стивна воопшто.
Иако списанието прави омаж на најславните игри во текот на изминатите три децении, воедно зборува и за најновите игри што се актуелни во моментот, како „Baldur’s Gate 3“ (Портата на Балдур 3) додатокот со приказна за Бард во дневникот во играта. Меѓу содржините е и ексклузивно интервју со „CD PROJECT RED“ за најновата верзија на „Cyberpunk 2077 2.0“ (Сајберпанк 2077), како и лесно разбирлив водич за употреба на разновидни модови за „Starfield“ (Старфилд). Исто така, покрај други наслови, има и написи за тоа што може да се очекува од „Dragon’s Dogma 2“ (Змејска догма 2) и „Total War: Pharaoh“ (Тотална војна: Фараон).
Многу уредници, писатели, новинари и дизајнери дискутираат за нивните искуства, и со списанието, но и како гејмери. Покриени се и оживувањето на постарите игри од „Starwars“ (Војна на ѕвездите) преработени во ново руво, секако револуција на „Half-life“ (Полуживот), а овој број содржи и голем постер со мини сликички од сите маркантни игри што го оформија концептот за гејминг и за тоа што е добра игра за компјутер од “најдалечното минато” до денес, или што би се рекло “од ‘Quake 3’ до ‘Call of Duty Warzone’”.
Најновото издание, број 390, е достапно да се купи електронски на „AppStore“ и „Zinio“. Може да се нарача и во материјална форма преку „Magazines Direct“ или пак да се претплатите месечно, при што единечните броеви би биле поевтини. Секако, се нудат и многу повеќе содржини од споменатите. Нека им е честита 30-годишнината на „PC Gamer“ – ова е голема радост за сите генерации на гејмери.