fbpx

„Спектакуларно непослушни“ – Парада на гордоста на 22 јуни во Скопје

На денешната прес-конференција се најави дека рутата ќе биде иста како изминатите години - ќе започне со собирање и говори во паркот „Жена-борец“, по што ќе се маршира до стадионот на АРМ во Градскиот парк, каде што ќе има културно-музичка програма

-

На 22 јуни во Скопје ќе се одржи петтата Парада на гордоста.

Националната мрежа против хомофобија и трансфобија денеска одржа прес-конференција посветена на овогодишното издание на Парадата на гордоста, каде беше најавено дека рутата ќе биде иста како изминатите години – почетна точка ќе биде паркот „Жена борец“, а маршот ќе заврши на стадионот на АРМ во Градскиот парк, каде ќе има културно-музичка програма.

Слоганот на овогодишното издание на Скопје прајд е „Спектакуларно непослушни“.

„Желбата да се живее слободно на ЛГБТИ+ луѓето често пати била обележана како каприц, како претерано барање или како непотребна желба за внимание. Барањето да се живее достоинствено и без насилство не е каприц. Потребата да бидеме видени, да се движиме во јавниот простор, да учествуваме во политичкиот живот – наместо постојано да сме затрпувавани во нашите четири ѕида –  не е желба за внимание, туку барање за нашето еднакво место како и на сите други луѓе во ова општество. Можноста ЛГБТИ+ луѓето да ги посетат своите партнери во болница, да го наследат имотот на луѓето со коишто живееле цел живот, да не мора да се соблекуваат до последно парче облека за да го докажат својот родов идентитет – ова се наши основни права. Ако нашата идеја за еднаквост, за достоинство и буквално право на живот е спорно, тогаш ДА, одбираме да бидеме непослушни“, истакна Ангел Димитриевски, извршен директор на Здружението за едукативен развој Еквалис.

Димитриевски коментира дека се чини оти нашите сограѓани забораваат дека најекстремните форми на насилство коишто секојдневно и самите ги трпат, не се виновни ЛГБТИ+ луѓето.

„Работниц(чк)ите умираат на своите работни места, работодавците им бројат колку време смеат да поминат во тоалет, нашите сограѓани се на најсуров начин третирани во здравствениот систем, луѓето не можат да одвојат еден оброк за да ги прехранат своите деца. Ова е реалноста во нашата држава. Насочете го вашиот гнев таму, наместо кон најслабата група во ова општество“, порача Димитриевски.

На прес-конференцијата се истакна дека, како и на изминатите паради, нивото на безбедност ќе биде од највисок степен. Досега на самите паради немало никаков инцидент, со исклучок на два инциденти кои се случиле по завршувањето на парадата.

„За двата инциденти институциите реагираа навремено, а за едниот беше отворена и постапка што се водеше како кривично дело од омраза, за кое сметаме дека е соодветен одговор од страна на институциите и показател за тоа дека државата сака да ги заштити правата на сите граѓани на оваа држава“, стои во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Но, поради незавршените избори и прегласувањата, Државната изборна комисија сè уште нема објавено конечни резултати, што ја одложува официјалната комуникација со Министерството за внатрешни работи за подготовка на Парадата на гордоста во однос на безбедноста. Уранија Пировска, извршната директорка на Хелсиншки комитет за човекови права, сепак верува дека новата влада ќе сака да покаже демократски капацитети преку успешна организација на Парадата, што е показател за почитување на правата на сите граѓани.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.
WoW Void Elf Mage Eldridzh скриншот од лична архива на Иван Стојановски

Најнови гејминг вести: Black Myth Wukong, WoW, Diablo 4 и Summer Game Fest 2024

Во најновите гејминг вести ви ги прикажуваме трејлерите за новите експанзии на WoW и Diablo 4, како и најновиот трејлер за Black Myth Wukong која моментално е најнарачувана игра...