fbpx

Сојузникот на Навални, Леонид Волков вети дека ќе ја продолжи борбата против Путин откако беше нападнат со чекан

Путин го уби Навални и многу други пред тоа, пишува Волков на социјалните мрежи еден ден пред да биде нападнат, повторувајќи ги сличните тврдења на сојузниците на Навални

-

Леонид Волков, долгогодишен помошник на починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, вети дека ќе ја продолжи борбата против рускиот претседател Владимир Путин, откако беше нападнат со чекан пред неговиот дом во Литванија, пренесува Гардијан.

„Ќе работиме и нема да се откажеме“, рече тој во видео објавенo на Телеграм денес, тврдејќи дека нападот што го остави со скршена рака е „карактеристичен бандитски поздрав“ од послушниците на Путин.

„Човекот ме нападна во дворот, ме удри 15 пати по ногата. Ногата ми е во ред. Боли кога одам и скршена ми е раката“, кажува Волков во објавата на Телеграм.

Волков е една од најистакнатите руски опозициски фигури, близок со Навални, работејќи како шеф на кабинетот на покојниот лидер и како претседател на неговата Фондација за борба против корупцијата до 2023 година.

Портпаролката на Навални, Кира Јармиш претходно изјави дека некој го скршил прозорецот на автомобилот и испрскал солзавец во очите на Волков пред да го удри со чекан.

Нападот доаѓа речиси еден месец по ненадејната смрт на Навални во арктичкиот затвор, за што Волков и вдовицата на Навални, Јулија, директно го обвинија рускиот претседател.

„Путин го уби Навални. И многу други пред тоа“, пишува Волков на социјалните мрежи еден ден пред да биде нападнат, повторувајќи ги сличните тврдења на сојузниците на Навални, како и на американскиот претседател Џо Бајден .

Неколку часа пред нападот, Волков, исто така, изјавил за независниот руски медиум Медуза дека е загрижен за својата безбедност по смртта на Навални.

„Клучниот ризик сега е дека сите ќе бидеме убиени“, изјавил Волков.

На фотографиите објавени од тимот на Навални по нападот се гледаат лицето и нозете на Волков облеани во крв, додека на друга фотографија се гледа автомобил со скршен прозорец.

Осомничените не се идентификувани.

Волков неодамна ги повика Русите да излезат во што поголем број на протестите на денот на изборите пред претстојните претседателски избори.

Инцидентот го означува првиот напад врз сојузниците на Навални откако тие ја напуштија Русија пред повеќе од три години. Волков и другите клучни членови на тимот на Навални живеат во Литванија откако руските власти ги класифицираа групите на Навални како „екстремистички“ организации во 2021 година.

Повеќето од најблиските сојузници на Навални се на листата барани од Москва и ќе се соочат со долгорочни затворски казни доколку влезат во Русија.

ИзворThe Guardian

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...