Истражување: Над 70 отсто од младите во ВИ гледаат можност, а останатите гледаат закана

Две третини од испитаниците очекуваат дека вештачката интелигенција ќе ја промени наставата најдоцна во следните пет години, а уште повеќе - 69 проценти, дека совладувањето на вештачката интелигенција ќе биде важно за нивната кариера

Photo by Sanket Mishra on Unsplash

Алатките за вештачка интелигенција како ChatGPT брзо ги вадат на виделина текстовите кои инаку тешко се пребаруваат на интернет и умеат да решаваат сложени задачи. Тоа ја отвора вратата за мамење, па образовната политика детално ја истражува употребата на вештачка интелигенција во училиштата. Помладите пак, од друга страна, ја гледаат вештачката интелигенција повеќе како можност отколку како закана, пишува германската новинска агенција ДПА.

Според истражување направено за Фондацијата Водафон, адолесцентите и младите луѓе генерално имаат позитивен став за употребата на технологијата за вештачка интелигенција во образованието, но тие исто така се соочуваат и со проблеми.

На прашањето дали вештачката интелигенција во училиштата ја гледаат повеќе како можност или како закана, 73 проценти заокружиле „можност“, а 27 проценти заокружиле „закана“.

Две третини од испитаниците очекуваат дека вештачката интелигенција ќе ја промени наставата најдоцна во следните пет години, а уште повеќе – 69 проценти, дека совладувањето на вештачката интелигенција ќе биде важно за нивната кариера.

Сепак, многумина веруваат дека вештачката интелигенција во училиштата засега е недоволно регулирана. Имено, само 17 отсто се изјасниле дека вештачката интелигенција е дозволена во нивното училиште и дека постојат правила за нејзина употреба.

Околу 38 отсто рекле дека нивниот пристап до вештачката интелигенција во училиштето зависи од поединечните наставници, односно дека воопшто немаат пристап до ВИ во училиштата.

Дебатата за технологијата беше разгорена со појавувањето на ChatGPT во ноември 2022 година. Оттогаш, се отвори и прашањето како вештачката интелигенција може да влијае на учењето.

Многумина стравуваат дека способноста на апликацијата брзо да пишува предавања, трудови или да толкува текстoви, ќе ги поттикне негативните навики кај учениците и ќе го попречи нивниот развој на расудување.

Истражувањето покажува дека и покрај генерално позитивниот став, младите се свесни и за ризиците – 57 отсто од нив се загрижени дека нивниот труд нема да може да се разликува од оној што го прави вештачката интелигенција.

Околу половина, 49 отсто, ја гледаат опасноста дека самото учење ќе се изгуби некаде со употребата на вештачката интелигенција. Секој трет испитаник вели дека е загрижен дека „мамењето“ ќе станува сè потешко да се открие.

Понатаму, 64 отсто од испитаниците во репрезентативна анкета изјавиле дека е важно да се знае дека не треба безрезервно да им се верува на резултатите од вештачката интелигенција, а половина рекле дека е неопходно да се задржи критички пристап.

Основата за овие резерви е искуството со ChatGPT – алатката може да пишува кохерентен, елегантен текст, но сепак да остави и неточни податоци во него.

„Алатките за вештачка интелигенција се одлична поддршка за структурирање сложени теми, но тие не можат да ја заменат човечката дискусија или социјално-емоционалната интеракција во процесот на учење“, вели експертот за вештачка интелигенција и професор по инженерство на Универзитетот во Билефелд, Томас Сусе.

„Конструктивната, критичка конфронтација овозможува урамнотежена и ефективна употреба на вештачката интелигенција во образовниот сектор“, додава професорот.

Тој им препорачува на наставниците да не ја гледаат технологијата како лек, туку како нова алатка која може да го поддржи и збогати процесот на учење.