Со U-Report алатката на УНИЦЕФ, младите ќе споделуваат мислења и ќе носат одлуки битни за нивната иднина

Фото: УНИЦЕФ

УНИЦЕФ заедно со младите, носители на одлуки, претставници од меѓународната заедница и експерти, на вчерашниот настан во Градскиот парк-Скопје ја претстави алатката U-Report – платформа за поддршка на младинско учество, што им овозможува да ги споделат своите мислења за прашања што им се важни и да креираат позитивни промени во своите заедници.

Младите од земјава сега имаат можност да станат дел од глобалната заедница U-репортери со регистрирање на чатботот U-Report MK на Вибер. Оваа платформа, како што информираат од УНИЦЕФ, е активна во 85 земји ширум светот, со повеќе од 15.000.000 U-репортери, кои преку алатката можат да учествуваат во важни процеси на носење одлуки, креирање политики и стратегии кои ги засегаат младите и нивната иднина.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, заменик претставникот на УНИЦЕФ, Артур Ајвазов, заменик претставникот на Делегацијата на ЕУ, Џулијан Васало и други експерти, им се придружија на младите во дискусиите.

„Фокусирани сме на крупни промени во образованието, како најдобар механизам преку кој се влијае на начинот на размислување и однесување на младите. Со ова од најрана возраст ќе учат да се борат за своите права и ставови“, рече Царовска.

Темите за дискусиите беа избрани според мислењата што младите ги споделија како дел од иницијативата „Преосмисли ја иднината“, што ја спроведуваат УНИЦЕФ и Канцеларијата на претседателот Пендаровски.

Преку онлајн прашалник и серија тематски работилници, младите ги идентификуваа образованието, животната средина и менталното здравје како теми кои им се најважни и за кои сакаат да видат промени во земјата.

„Младите имаат глас, а платформи како U-Report служат да дадат фокус на нивните мислења и да им помогнат да продолжат да бидат гласни за прашања кои ги засегаат. Оваа алатка ќе има влијание само доколку младите се регистрирааат и ја користат за да ги искажат своите мислења, а носителите на одлуки да слушаат“, рече Ајвазов.

Податоците од U-Report им помагаат на носителите на одлуки во креирањето стратегии, политики и услуги базирани на реални потреби, како и следење на напредокот во остварување на стратешките развојни цели и остварувањето на детските права.