Со средства од буџетот ќе се изработи студија за решавање на проблемот со шестовалентниот хром во Јегуновце

Обоената вода со шестовалентен хром и други материи се влива во реката Вардар кај депонијата во Јегуновце; Фото: Мета.мк

Со буџетскиот ребаланс што вчера помина на владина седница, а Собранието на РСМ треба допрва да го усвои, се издвојуваат финансиски средства за трајно решавање на проблемот со индустриската депонија во Јегуновце, информираат од Министерството за финансии. На оваа локација во моментов се складирани 850.000 тони индустриски отпад од работењето на фабриката „Југохром“, а меѓу отпадните материи се наоѓа и опасниот шестовалентен хром.

Инаку, ваквата владина одлука следува по комисиската расправа на собраниската Комисија за финансирање и буџет, која на 2 јули расправаше за амандманите поднесени од пратениците за предлог ребалансот на Буџетот за 2022 година.

Амандманот за решавање на проблемот со индустриската депонија во Јегуновце во Собранието на РСМ го поднесоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ: Гордана Силјаноска Дафкова, Велика Стојкова Серафимовска, Мирче Аџиоски и Тони Јаревски.

На комисиската расправа што се одржа на 2 јули, пратеникот Тони Јаревски образложи дека со амандманот се предлага од државниот буџет да се обезбедат средства во висина од 7,5 милиони денари за изработка на студија за трајно решавање на проблемот со индустриската депонија во Јегуновце, со цел заштита на изворот Рашче.

Владата се согласи со овој амандман со видоизменет текст што беше усвоен едногласно на комисиската расправа, а планираните средства за студијата ќе ги добие Министерството за животна средина и просторно планирање по усвојување на буџетскиот ребаланс во Собранието на РСМ.

Мета.мк во неколку наврати изминативе месеци пишуваше за проблемот со индустриската депонија во Јегуновце. Од целата депонија со површина од 80.000 метри квадратни, само 11.000 метри квадратни се обложени со заштитна фолија, која треба да спречи продирање на опасните хемикалии во подземните води. На локацијата се проценува дека има околу 7.500 тони шестовалентен хром, којшто е канцерогена и опасна материја за човековото здравје и животната околина.

Шестовалентниот хром од депонијата на „Југохром“ во Јегуновце може да бидат закана и за изворот Рашче, од каде со вода за пиење се снабдува речиси цело Скопје. Мешањето на подземните води, контаминирани со отпадот од депонијата и водите во Жеденскиот масив, со кои се напојува изворот на чиста вода за главниот град, е регистрирано како потенцијална опасност уште пред две децении во истражување на Управата за хидрометеоролошки работи.

Ако не се реши проблемот со депонијата на „Југохром“, шестовалентниот хром може да е закана и за изворот Рашче

Присуство на шестовалентен хром во водите кои гравитираат кон изворот Рашче е потврдено и во истражувањето „Потекло на водите на изворот Рашче и аспекти на нивната заштита“, на група професори од Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, кое е публикувано во 2019 година преку Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Инаку, за да се контролира исцедокот од индустриската депонија во Јегуновце, во 2003 година е изграден дренажен систем, при што со препумпни станици се зафаќа исцедокот од депонијата и истиот преку цевки се носи до пречистителната станица за отпадните води, која што се наоѓа во кругот на фабриката „Југохром“.

Ова би била идеалната состојба која што треба да спречи загадување на водите од депонијата, но Мета.мк изминатава зима беше на лице место во Јегуновце и увиде дека вода со карактеристична жолто-портокалова и темно црвена боја се гледа до пумпната станица кај депонијата, која што се влива директно во реката Вардар. Се чувствува непријатен мирис на локацијата, додека растенијата коишто дошле во допир со обоената вода се одамна изумрени. Пречистителната станица за отпадни води во „Југохром“ работи, но не со целосниот капацитет за прочистување на исцедокот од депонијата.

Канцерогениот шестовалентен хром од депонијата во Јегуновце го демне здравјето на граѓаните [фото]