Со серија настани се одбележува Меѓународниот ден на младите

Меѓународниот ден на младите, 12 август, денеска ќе биде одбележан со серија на настани. Со две панел дискусии што ќе се одржат во „Јавна соба“, со почеток од 18 часот, Агенцијата за млади и спорт (АМС) денеска ќе го одбележи овој датум.

На првата панел дискусија на тема „Младински центри“, ќе говорат директорот на АМС, Дарко Каевски и Драган Атанасов од Сојузот за младинска работа.

Втората панел дискусија ќе ја обработи темата „Инклузивно и трансформативно образование“, во чии рамки ќе учествуваат говорниците Наташа Анѓелеска од Фондацијата отворено општество – Македонија, Мартин Милошевски од Националниот младински совет на Македонија и претставник од Министерството за здравство.

Меѓународниот ден на младите го одбележува и Националниот младински совет на Македонија, кој во моментов работи на отворање на нов хаб во центарот на Скопје. Во овие простории од почетокот на ноември ќе се одржуваат обуки за дигитални вештини на три нивоа во соработка на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ.

Истражувањето на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и „ Евротинк“ покажува дека само еден од сто млади во нашата земја вложуваат соодветни напори да откријат дали некоја вест или друга медиумска содржина содржи дезинформација. „Метаморфозис“ и во своите идни активности ќе ги вклучува младите во борбата против дезинформациите и во својата мисијата за поттикнување на активизмот за демократија во нашата држава.

Во рамиките на одбележувањето на Денот ма младите, Младинскиот образовен форум (МОФ) организира петдневна младинска академија во Дојран, на која од 12 до 16 август ќе учествуваат 100 млади од неколку македонски градови. Оваа академија на алтернативен начин кај младите ќе пренесе содржини кои воопшто или минимално се застапени во формалното образование во земјава, меѓу кои и медиумска писменост, аргументирано изразување, институции на Европската унија и средношколско учество и организирање.

Датумот 12 август е прогласен за Меѓународен ден на младите од страна на Обединетите нации. За прв пат е одбележан во 1999 година, и тоа како можност за подигнување на свесноста за предизвиците и проблемите со кои се соочува младата популација во светот.