Со повеќе пари за општините и гасификацијата ќе се помести од мртва точка

Изградбата на инфраструктурни проекти во општините, помеѓу кои е и гасификацијата се закочени, поради блокираните општински сметки и немањето доволно на финансиски средства за таа намена.

Поместување од мртва точка е можно со предлог- ребалансот на буџетот со кој се предвидени повеќе пари за општините, за да се платат доспеаните долгови и да се одблокираат сметките.

Директорот на Јавното претпријатие „Куманово гас“, Никола Денковски за „Мета“ вели дека гасификацијата е скапа работа и таа не возможна без пари од Општината, но и без помош од државата.

„Куманово гас“, првото претпријатие за гасифицирање во државата, е формирано во 2005 година, но тоа што Куманово е гасифицирано само 15 проценти, вели дека најповеќе се должи на немањето доволно пари за таа намена.

– Аплициравме со основниот проект за гасификација до претходната влада, но бевме одбиени. Од друга страна Општините се со блокирани сметки бидејќи исплаќаат кредити, судски пресуди по основ на експропријација по други основи. Гасификацијата е скапа работа бидејќи постојано сте во инвестиции и изградба на мрежа  – вели Денковски и се надева дека со алокацијата на средства од буџетот кон општините работите ќе се придвижат.