Со манипулации и невистини се тврди дека небото над С. Македонија е отровно

Дел од манипулацијата на оваа објава е тоа што во текстот пишува „Денеска небото над Македонија е страшно“, а две од трите фотографии воопшто и не се снимени ниту сега, ниту во Македонија

-

На објава на Фејсбук пишува „Денеска небото над Македонија е страшно“, а две од трите фотографии прикачени воопшто и не се снимени ниту сега, ниту во Македонија. Со фотографиите се алудира дека небото е опасно и отровно, односно дека станува збор за кемтрејлс, што е една од најчестите теории на заговор многупати дебанкирана и кај нас, пишува „Вистиномер“.

 

На објава на социјалната мрежа Фејсбук споделени се неколку фотографии коишто се користат да се измамат читателите дека небото се прска со отрови.

Текстот на објавата гласи:

Денес небото над Македонија е страшно.

А она што е наводно „страшно“ е прикажано на три фотографии прикачени на објавата. На сите три фотографии се гледа небо, наводно во Македонија, а на небото има траги од авиони. На фотографиите додадени им се и емотикони од костурски глави со што се алудира дека трагите од авионите се опасни и отровни. Ова е една од најчестите и најсподелуваните теории на заговор со години наназад.

Притоа, коментарите под објавата го поддржуваат и веруваат во ваквото тврдење па така под објавата пишува „Trovenje na jakoo pusteno“, „Otrovi pustat, nekoj virus izglada. Vo idnina i sandci ke pocnat da pustat. Celiot svet e zabolen“, „Sega ke počne kovidot“, „Време е за вируси“ и слични други вакви коментари.

Но, целата објава е една голема манипулација и измама која сака да им внесе страв на корисниците на социјални мрежи и да ги наведе да поверуваат во нешто што не е реално.

Дел од манипулацијата на оваа објава е тоа што во текстот пишува „Денеска небото над Македонија е страшно“, а две од трите фотографии воопшто и не се снимени ниту сега, ниту во Македонија.

Првата фотографија на која се гледаат пониски згради и зајдисонце, а на небото бели траги од авиони, е, всушност, снимена во Шведска. Медиумска објава со оваа слика на интернет може да се најде уште во 2013 година, на текст со наслов „Нема научни докази за кемтрејлс“.

Втората фотографија на која се гледаат бели траги во форма на Х од два авиони е објавена во британскиот магазин The week, со наслов „Теоријата на заговор наречена кемтрејлс: кои се тврдењата“. Овој текст е објавен во 2022 година, а под фотографијата пишува дека е дело на фотографот Роберт Александер. Пребарувањето на третата фотографија не дава никакви резултати и можно е таа да била снимена во Македонија, но не може да се потврди.

Освен што објавата манипулира преку фотографиите, таа манипулира и со суштината. Со оваа објава се алудира дека белите траги од авиони предизвикуваат некаква штета на населението. Оваа теорија на заговор е позната како кемтрејлс и е една од најраспространетите теории на заговор, која и покрај тоа што многу пати е дебанкирана, сè уште постојат луѓе кои веруваат во неа.

Суштината на оваа невистинита и заснована на дезинформации теорија, го претставува верувањето дека вообичаените траги од кондензација што ги создаваат авионите во воздухот се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси за „злобни цели“.

Оние кои веруваат во оваа теорија на заговор сметаат дека штом патеката од авионите е подолго време видлива, мора да содржи некакви опасни дополнителни супстанции. Според ваквите верувања нормалната трага од авионот треба брзо да се распрсне, така што облаците кои не исчезнуваат веднаш мора да бидат полни со дополнителни, неоткриени супстанции, во случајов отрови.

Ваквите тврдења се категорично отфрлени од научната заедница. Иако се направени истражувања, не е дојдено до ниту еден доказ дека наводните хемиски патеки се нешто различно од нормалните, вообичаени траги од кондензација кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови.

Белата патека што ја оставаат авионите во воздухот е патека која настанува од кондензација. Облаците во форма на линија се произведени од издувните гасови на моторот на авионот и настануваат поради промени во притисокот на воздухот, обично на авиони кои летаат на височина неколку километри над површината на Земјата. Патеките се составени од вода, во форма на кристали од мраз. Во зависност од температурата и влажноста на воздухот, тие можат да бидат видливи само неколку секунди или минути, или може да опстојуваат со часови и да се шират на неколку километри.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека оваа објава е невистинита. Две од три фотографии воопшто не се снимени ниту сега, ниту во Македонија, а белите траги од авионите не се ништо отровно, туку кондензација.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Во петок започнува големата Балканска Олимпијада по информатика во Охрид

Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ), како организатор на Балканската Олимпијада по Информатика (БОИ) ги презентираше клучните детали од претстојното 31. издание на овој настан. Балканската Олимпијада по Информатика...