Со филмски проекции на отворено вчера започна фестивалот „МакеДокс“

Фото: МакеДокс

Вчеравечер со проекции во Парк МКЦ и во Кинотеката на РСМ започна филмската програма на единаесетото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

Граѓани на филмска проекција во паркот МКЦ / Фото: МакеДокс

Во летното кино на Кинотеката се одржаа проекцијата на краткиот документарен филм „Бинокл“ на Мила Жлутенко и долгометражниот документарец „Зборувај за да те видам“ на Маја Стојниќ. Во Парк МКЦ беше прикажан краткиот документарец „Премин“ на Отавио Алмеида, додека проекцијата на „Спиењето на Макс Рихтер“ на Натали Џонс беше прекината поради временските услови. На фестивалот нема можност за реприза на филмовите, па затоа филмот ќе може да се гледа онлајн на платформата „Синесквер“, на која посетителите треба да се регистрираат и да креираат свој профил преку сајтот на „МакеДокс“.

Вториот фестивалски ден носи двојна програма, а ќе бидат прикажани вкупно осум, четири кратки и четири долгометражни, филмови на двете локации. Со филмот „Кога прашината ќе слегне“ на Џон Апел почнува програмата Земја во фокус – Холандија, во чии рамки ќе бидат прикажани уште шест филмови.

„На годинашниот „Македокс“ Џон Апел ќе одржи мастерклас на 22 август, од 11 до 13 часот, кој ќе се одвива он-лајн и ќе може да се проследи преку платформата Зум“ информираат од тимот на МакеДокс.

Целосната програма по денови може да се погледне тука.

Фестивалот „Македокс“ е поддржан од програмата МЕДИА на Креативна Европа, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Кралството Холандија, Град Скопје, Амбасадата на Република Чешка во Софија. Пријатели фестивалот се Музеј на РСМ и Археолошкиот музеј. Коорганизатори на 11. Македокс се МКЦ и Кинотека на РСМ. Партнери на „Македокс“ се „Петра Пан филм продукција“ и „Кино Култура“.