fbpx

Случајот „Ровер“ вторпат падна на Апелација, ќе има ново судење

-

Скопскиот Апелациски суд вторпат ја укина пресудата на првостепениот суд за случајот „Ровер“ и го врати предметот на повторно судење. Основниот суд Скопје 1, вчера го примил решението на Апелацискиот суд во врска со предметот, соопштија од скопскиот кривичен суд.

„Второстепениот суд ги разгледал жалбените наводи на обвинетите и нивните бранители, како и на Основното јавно обвинителство Скопје, за сторена суштествена повреда и оценил дека наводите се основани со оглед дека обжалената пресуда содржела такви недостатоци поради кои не може во целост да се испита во однос на нејзината правосилност и законитост. Изреката на пресудата не била доволна јасна и разбирлива, а во образложението не биле содржани доволни причини за решителните факти што второстепениот суд смета дека се од битно влијание за законито одлучување во конкретниот кривичен-правен настан, во врска со предметното кривично дело и кривичната одговорност на обвинетите“, стои во соопштението на судот.

Ова е вторпат Апелацискиот суд да ја укинува првостепената одлука и да го враќа предметот на повторно судење.

„Постапувајќи по повторената постапка во предметот кој бил укинат со решение на Апелацискиот суд, второстепениот суд дал упатства кои првостепениот суд требало да ги преземе при повторното постапување, меѓутоа Апелацискиот суд во решението наведува дека судот при повторното судење не постапил во целост по дадените упатства, не ги отстранил констатираните повреди и не ги утврдил решителните факти во повторената првостепена постапка“, велат од судот.

Во случајот „Ровер“, на десетмина обвинети, меѓу кои и поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, им се судеше за убиството на Марјан Тушевски и на Киро Јанев во 2001 година.

Бошковски, на првото судење, доби затворска казна од 12 години, додека во повторениот судски процес, во ноември минатата година, беше осуден на десет и пол години затвор. Од другите обвинети, Зоран Трајковски беше осуден на осум и пол години, Ивица Ристиќ на седум, а Никола Негриевски на затворска казна од пет и пол години.

Како непосредни извршители на убиството, судот на доживотна казна затвор ги осуди српските државјани Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ. На четворицата пресудата им беше изречена во отсуство бидејќи не се достапни за органите на прогонот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Амнестијата за „Хашките случаи“ е направена во 2011 година од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

Во јули 2011 година Собранието со гласовите на тогашното владејачко мнозинство изгласа амнестија за четирите „Хашки случаи“. Тогаш парламентот со 63 гласа „за“ и 29 „против“ (опозициски пратеници) го усвои...