Скејтпаркот во Тетово повторно запоставен, под ризик да се претвори во „џунгла“

Скејтпаркот во Тетово, Фото: Фисник Џелили / Порталб.мк

Еден од ретките паркови во Тетово „Скејтпаркот“ повторно е запоставен и не се одржува од општинските власти. Високата трева може повторно да го претвори паркот во место кое тешко може да се нарече парк, а за тоа сведочат поразителните глетки од теренот. Невладините организации веќе четири години бараат одржување на овој простор, но надлежните не прават доволно. Општина Тетово ветува дека наскоро ќе има решение, пишува Порталб.мк.

И новото општинско раководство оди по стапките на претходното што се однесува на грижата за скејтпаркот во близина на Автобуската станица во Тетово, кое по доаѓањето на новиот градоначалник нема направено ниту еден чекор за одржување на просторот. Иако претходното раководство минатиот август изврши реконструкција на скејтпаркот, новото раководство не смогна сили и волја за негово одржување, барем досега.

Нараснатата трева во паркот веќе почнала да го оневозможува користењето на зелениот простор за рекреација или пикник. Има дури и разни отпадоци и оштетувања на малкуте објекти за рекреација.

Според Social Cultural Space Tetova, чии волонтери постојано апелираат за одржување на овој простор, а дополнително и самите помагале во чистењето на истиот, велат дека одржувањето на скејтпаркот „ Скејтова“ веќе 4 години е проблем, кој постои уште од изградбата во јули 2018 година.

„Постојано баравме негово одржување и да се постави осветлување, бидејќи неодговорни лица во вечерните часови ја оштетуваа околината (кршење шишиња, фрлање отпадоци, оштетувања на објектите и слично) но барањата останаа без одговор или конкретни дејствија. Ние ќе продолжиме со барањата и очекуваме скромни интервенции, а се надеваме дека надлежните органи ќе ги направат следните измени: поставување осветлување, редовно одржување на зеленилото, како и активирање на редовни полициски патроли, особено во вечерните часови за обезбедување и да се спречат истите злоупотреби како досега. Дополнително, очекуваме таму да се додадат и објекти за практикување урбани спортови, со цел да се поддржи и развие и оваа култура“, велат од Social Cultural Space Tetova (Социјален културен простор Тетово).

Меѓу другото, по реконструкцијата минатото лето во паркот останале два столба во кои се уште не е поставено јавно осветлување. Од општина Тетово минатиот ноември рекоа дека тоа ќе се среди наскоро, но иако поминаа пет месеци уште не е направено ништо.

Од Општина Тетово вчера ветија дека до среда ќе има решение за регулирање на паркотв о координација со ЈКП „Тетово“, а за поставување на јавното осветлување нема определен рок.

Одржувањето на зелените површини од „Паркови и зеленило“ се одвива според планот. За горенаведената локација косењето на тревата ќе се изврши во текот на следните денови, по празниците, во вторник или среда. Во столбовите има дефект на спроводникот на струјата. Во наредните денови ќе биде саниран и дефектот“, велат од Општина Тетово.

Инаку, овој простор заедно со оној кај поранешното Радио Тетово е реализиран пред четири години од 45 волонтери на невладината организација Toestand (Тоестанд) од Белгија, 20-тина од невладината Termokiss (Термокис) од Косово и волонтери на невладината Democracy Lab (Демократија лаб) од Тетово.