Сказнувалка ќе преведе пет европски наслови за млади, достапни во печатено, е-издание и аудио формат

Извор: Сказнувалка

Издавачката куќа Сказнувалка од Скопје го реализира двегодишниот проект „За оние по нас. План за поттикнување читачки навики кај млади“, во чии рамки ќе бидат преведени, испечатени, дистрибуирани и промовирани пет квалитетни наслови за адолесценти од современи италијански, холандски и шпански автори, информираат од оваа издавачка куќа.

„Целта на ‘За оние по нас. План за поттикнување читачки навики кај младите’ е да се развие нова читателска публика, нудејќи им на младите читатели квалитетен превод и сензибилитет различен од оној што вообичаено може да се најде на македонскиот пазар. Избраните книги зборуваат со автентичен глас преку главните ликови, третираат теми привлечни за младите, истовремено промовирајќи толеранција, пријателство и солидарност“, се наведува во соопштението од Сказнувалка.

Преведените дела ќе бидат објавени во различни медиуми – печатени, е-книги и аудио книги, достапни преку платформата „Самоглас“.

Во рамки на промотивната кампања, покрај медиумска промоција, планирани се интерактивни активности како јавни читања, дискусии и креативни работилници од мултидисциплинарен карактер, инспирирани од приказните и прилагодени на целната група. Ќе бидат вклучени и визуелни уметници и глумци.

Централниот настан ќе биде фестивал посветен на книжевноста за млади – наесен на пет локации во Скопје, ќе бидат организирани пет настани, секој посветен на едно од делата.

„Со овој проект, се очекува да се зголеми бројот на квалитетни наслови, да се допре до нова публика, но и да се понуди иновативнa кампања преку дигитални технологии. Предвидените долгорочни ефекти на проектот се стимулирање на навиките за читање кај адолесцентите, создавање нова генерација на страствени читатели и промовирање и стимулирање на критичко размислување“, велат од Сказнувалка.

Проектот е кофинансиран од Извршната агенција за образование, аудиовизуелна дејност и култура при Европската комисија во рамки на програмата Креативна Европа. Сите заинтересирани лица, може да се запознаат со проектот и авторите на книгите што ќе се издадат во рамките на истиот преку видеото што може да се погледне ОВДЕ.

Сказнувалка е неодамна формирана издавачка куќа, чија мисија е да придонесе за развојот и интелектуалното богатство на децата преку текстови и илустрации што ќе им ја разбудат имагинацијата и уметничкиот сензибилитет, што ќе им ја поттикнат емпатијата, ќе им понудат поинакви перспективи и ќе им помогнат да изградат автентични замисли и ставови. Нивната идеја е да издаваат преводна литература од најдобрите светски уметници и автори, за децата да можат да уживаат во читањето и во визуелното доживување.