Специјалното јавно обвинителство денеска на јавни седници, кои се одржаа едни по други во Апелацискиот суд, уште еднаш побара да им биде одреден притвор на поранешните министри за внатрешни работи и за транспрот и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, на поранешниот шеф на кабинет на експремиерот Никола Груевски, Мартин Протогер, и на поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски – сите обвинети во случајот „Титаник“.

Од четворицата обвинети, во судот денеска не се појавил само Протогер, кој, како што соопштија неговите адвокати, бил на боледување. Според адвокатите, тој бил на лекување во унгарската воена болница во Будимпешта, но откако дознал дека е обвинет, се вратил, го депонирал пасошот во суд и го продолжил лекувањето во земјава.

Обвинителот на СЈО побара од Апелацискиот суд на Протогер, кој е обвинет за три кривини дела, да му биде одредена мерка притвор поради опасност од бегство, додека неговите адвокати тврдеа дека тој нема намера да бега, а доказ за тоа е што се вратил од лекување во странство.

Барањето за притвор на поранешната министерка за внатрешни работи, СЈО го образложи со тврдењето дека Јанкулоска остварила контакти со високи функционери на држави во кои таа може да се засолни и дека границите може да ја напушти со личната карта. Од СЈО навеле и дека таа влијаела на сведоци, а како доказ ја посочиле изјавата на еден од нив, кој се пожалил дека Јанкулоска бара од него да не дава инкриминирачки изјави за неа.

Јанкулоска, која е обвинета за пет кривични дела, на седницата изјави дека работела во безбедносна институција, дека нејзината научна работа е од областа на борбата против криминалот и дека сите нејзини контакти и познанства со странски функционери биле исклучиво во корист на Македонија.

– Мојот личен профил не соодветствува со тврдењето на СЈО дека ќе сум избегала. Еве, пред Судот ветувам дека нема да бегам од постапката. И не сум влијаела врз сведоци, јас две години немам стапнато во МВР, немам никакви контакти со вработените – рече Јанкулоска.

Јанкулоска, според обвинението, е член на злосторничкото здружување во „Титаник“ за изборни нерегуларности, на чело со првообвинетиот, Никола Груевски, и покрај за ова кривично дело, се товари и за повреда на избирачкото право, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања, за злоупотреба на службената положба и овластувањата и за повреда на слободата на определување на избирачите.

Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пред Кривичниот совет на Апелацискиот суд ги негираше тврдењата на СЈО дека ја опструира постапката што се води против него. Тој вети дека редовно ќе доаѓа во судот и рече дека не му паѓа на памет да бега и дека нема да влијае на сведоци.

СЈО побара притвор за Јанакиески бидејќи не соработува со обвинителството и поради тоа што е на висока позиција во ВМРО-ДПМНЕ. Тој е обвинет за четири кривични дела поврзани со изборни нерегуларности.

Поради опасност од бегство и влијание врз сведоци, СЈО денеска побара притвор и за поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски. Обвинителот на СЈО, Бурим Рустеми, пред судот рече дека Божиновски не соработува во постапката и дека станува збор за лице кое е во врвот на ВМРО-ДПМНЕ и има моќ врз членството, поради што единствено со притвор може да се спречи да влијае на сведоците и на постапката.

– Не сум влијаел врз сведоци и не извршувам државна функција. Редовно се јавувам во СЈО, на сите покани. Имам семејство и со нетрпение ја чекам судската постапка за да докажам дека сум невин – рече Божиновски, кој вети дека редовно ќе се јавува на поканите на судот.

Инаку, сите четворица обвинети преку жалби побараа од Апелацискиот суд да ја укине првостепената одлука на Кривичниот суд, со која им беа одредени мерки за претпазливост, и да им бидат вратени пасошите.