fbpx

Шведска го потпиша барањето за влез во НАТО, Финскиот парламент денеска ќе гласа за приклучување

-

Шведската министерка за надворешни работи, Ан Линде, потпиша апликација за влез на земјата во НАТО со што стави крај крај на децениската воена неутралност.

Историскиот момент на потпишувањето на документот таа го сподели и на Твитер. Претходно Линде изјави дека „чувството е многу добро и многу сериозно“.

Членката на ЕУ, која остана неутрална во текот на Студената војна, брзо ја процени својата позиција во светлината на руската инвазија на Украина, пренесе Дојче Веле на англиски јазик.

„Владата одлучи да го информира НАТО дека Шведска сака да стане членка на алијансата. Амбасадорот на Шведска во НАТО наскоро ќе го информира НАТО. Напуштаме една ера и започнуваме друга“, рече шведската премиерка Магдалена Андерсон во понеделникот по парламентарната дебата која покажа голема поддршка за пристапување во алијансата.

Норвешка, Данска и Исланд ветија дека ќе им помогнат на Финска и Шведска доколку овие земји бидат нападнати за време на пристапувањето во НАТО Алијансата.

За членство во воената алијанса на НАТО, како што пренесе Ројтерс, се очекува денес да гласа и финскиот Парламент.

Претседателот Саули Ниинисто и владата во неделата официјално одлучија Финска да аплицира за членство, но одлуката се чека на одобрување од парламентот, што се очекува да се случи со огромно мнозинство.

Рускиот претседател Владимир Путин, иако претходно предупреди дека приклучувањето на Финска во западната алијанса би било „грешка“ во понеделникот рече дека нема закана за Русија доколку Шведска и Финска се приклучат на НАТО. Но според Ројтерс,  додаде дека Москва ќе одговори доколку Алијансата предводена од САД ја зајакне воената инфраструктура во новите нордиски членки.

Со реакција во јавноста се огласи и портпаролот на Пентагон, Џон Кирби. Тој како што пренесе британскиот јавен сервис Би-би-си рече дека не зависи од Русија да одлучи дали Шведска и Финска ќе се приклучат на НАТО.

„Ниту една друга нација не може да стави вето на она што една суверена држава сака да го прави во однос на нејзините сојузи“, изјави Џон Кирби.

Сепак, Турција испраќа поинаква порака и става сомнеж врз траењето на процесот на ратификација. На прес-конференција, турскиот претседател Таип Ердоган рече дека Шведска и Финска не треба да се мачат да испраќаат делегации во Анкара за да ја убедат Турција да ги поддржи нивните кандидатури.

„Ниту една од овие земји нема јасен, отворен став кон терористичките организации. Како да им веруваме“, рече Ероган, пренесе агенцијата Ројтерс.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг својот став во врска со турската реакција го соопшти на Твитер.

„Турција е важен партнер и потребно е да одговори на сите безбедносни проблеми. Мораме да бидеме обединети во овој историски момент. Турција изрази одредени загрижености, а како што тоа секогаш го правиме во НАТО, ние ќе седнеме и ќе разговараме за тоа. Сигурен сум дека ќе можеме да најдеме заеднички јазик и консензус за тоа како да дејствуваме во врска со нивното членство“, напиша Столтенберг.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За три години нема ниту една пресуда за предизвикување шумски пожар

Никој во последниве години не одговарал и не бил осуден за кривичното дело „предизвикување шумски пожар“. Мета.мк ги побара податоците од Кривичниот суд за тоа колку пресуди биле донесени...