Оваа година „Мими“, „Кома“ и „Преекспонирано“ со проекции на Канскиот фестивал

Фото: Агенција за филм на РСМ

Денес е официјалното отворање на 75 издание на престижниот меѓународен Кански фестивал за филм во Кан што како и секоја година се одржува во Палатата на фестивали и конгресмени во градот Кан во јужна Франција.

Во чест на еден од најплодните и активни актери на светската сцена во последните 40 години, Том Круз, отворањето на фестивалот ќе започне со светска премиера на филмот „Топ ган: Маверик“, приказната што се враќа на филмското платно по повеќе од триесет години, а која актерот ја снимаше во 2019 година.

Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и оваа година ќе биде присутна на филмскиот маркет кој се одржува од 17. до 25. мај во рамки на Канскиот филмски фестивал каде ќе биде промовирана македонската кинематографија.

Како што информираат од Агенцијата за филм, од најновата филмска продукција реализирана во нивна поддршка, проекции на маркетот на Канскиот филмски фестивал ќе имаат и долгометражните филмови „Мими“ во режија на Даријан Пејовски и продукција на Скопје филм студио, „Кома“ во режија на Агим Абдула, а во продукција на Галактика филм, и „Преекспонирано“ во режија на Елеонора Венинова и продукција на ДНФ филм.

Агендата за проекциите на македонските филмови е следна:

  • „Мими“ | Даријан Пејовски | 23 мај (понеделник) во PALAIS G во 9:30 часот
  • „Кома“ | Агим Абдула | 23 мај (понеделник) во PALAIS G во 12:00
  • „Преекспонирано“ | Елеонора Венинова | 23 мај (понеделник) во PALAIS I во 16:30

Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ во режија на Сузана Диневски, (Сузи Кју продукција) е селектиран во Каталогот на Канскиот филмски маркет за
краткометражни филмови (Short film corner / Cannes court metrage / rendez vous
industry). Проекцијата во рамките на филмскиот маркет е закажана на 26 мај,
2022 во PALAIS H  во 16:30 часот.

Оваа година, нашата продуцентка Марија Димитрова е избрана меѓу 20-те „Продуценти во подем“, во рамки на програмата European Film promotion, меѓународна мрежа за филмска промоција во која членува Агенцијата за филм.

Исто така, режисерката Дина Дума ќе биде присутна во резиденцијалната програма „Residence du Festival“ која се одржува во соработка со француското CNC (Национален центар за кино и подвижни слики), каде на 18 мај ќе го презентира својот нов проект во развој – „Skateboarding is not for girls“.

„Македонскиот штанд во павилјонот на земјите од Југоисточна Европа ќе биде место на кое македонската делегација од Агенцијата за филм ќе ги претстави најновите случувања во нашата кинематографија и ќе реализира средби за идни копродукциски соработки. За оваа цел е подготвен обемен каталогизиран и промотивен материјал“, најавуваат од Агенцијата на филм.

Покрај промотивниот штанд Агенцијата за филм ќе биде присутна и на онлајн платформата на маркетот каде сите оние кои не се во можност да присуствуваат на физичкото издание на маркетот ќе имаат можност да ги проследат активностите и  преку виртуелната платформа „Marche du film online“.