fbpx

Штрајкот во ДИЦ продолжи, вработените бараат повисоки плати за 9.000 денари

Вработените велат дека цело ова време иако преговарале со надлежните во Министерството за финансии, сепак засега нема изгледи дека ќе им ги зголемат платите, а токму тоа е нивното барање.

-

Вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ) го продолжуваат штрајкот кој го ставија во мирување во мај (за да се реализира државната матура и да не бидат оштетени матурантите). Штрајкот продолжува, а вработените велат дека цело ова време иако преговарале со надлежните во Министерството за финансии, сепак нема изгледи дека ќе им ги зголемат платите, а токму тоа е нивното барање.

„Советник во ДИЦ зема плата од 30.000 денари, а виш соработник зема 25.000 денари. Платата на наставник почетник е 34.300 денари. Ние имаме пониска плата од наставниците. Бараме платата да ни биде на ниво наставник-ментор, односно да биде за девет илјади денари повисока од сегашната“, вели Емилија Бошковска од ДИЦ.

Таа потсети дека во последниот извештај на Светска банка, наведено било дека ДИЦ е клучна институција за основното образование.

„Кај нас е зголемен обемот на работа за 40 отсто, а е намален бројот на вработени за 50 отсто. Имаме и колеги кои си заминаа во пензија. 25 вработени сме“, додава Бошковска.

Иако со штрајкот од пред неколку месеци, вработените во ДИЦ не добија покачување на платите, сепак го ставија штрајкот во мирување за да им излезат во пресрет на матурантите и да не бидат оштетени. Сега продолжуваме да штрајкуваме, додека не ни ги исполнат барањата. Доаѓаме на работа, седиме, не работиме. 700 приправници, наставници и стручни соработници чекаат да полагаат испит, за да може да им се трансформира работниот однос, но еве не работиме и тој процес е закочен. Подготовката на државна матура исто така е стопиран процес. нема ниту напредни обуки за директори“, соопшти Бошковска.

Минатиот пат штрајкот во ДИЦ траеше околу три недели. Штрајкувачите и надлежните не постигнаа договор. Тогаш штрајкувачите реагираа што биле направени ребаланси за покачувањата од 80 проценти на функционерите, но за дваесетина луѓе вработени во ДИЦ властите не можеа да најдат решение.

„Ентузијазмот на вработените е на нула. Ние сакавме да покажеме колку е битна државната матура, но на државата не ѝ е битна. Ние ги молевме, баравме состанок во Владата но сфативме дека ние повеќе се грижиме за децата одошто државата се грижи“, рече Бошковска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...