Поради штрајкот во ДИЦ, полагањето на државната матура доведено под знак прашање

Вработените од Државниот испитен центар не отстапуваат од своите барања за покачување на платите, порачувајќи им на властите дека со секое влегување на надворешно лице во нивните простории ќе се наруши веродостојноста на матурата

Фото: Мета.мк

Продолжува штрајкот на вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ), институцијата која е единствената одговорна за организација и реализација на државната матура. Ваквата одлука штрајкувачите ја донеле откако вчера имале неуспешни преговори во Владата со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и откако не постигнале договор за да добијат повисоки плати. Штрајкот трае веќе трета недела.

„Вие медиумите, матурантите и дел од јавноста бевте единствената поддршка што ја имавме во оваа борба за подостоинствени примања. Овие три недели додека штрајкувавме, заклучокот е дека оние што работат многу во оваа држава се најмалку ценети. Вчера ни беше понудено да добиеме К-15, кој нас ни следува согласно закон и кој досега незаконски ни го спречуваат да го добиеме. К-15 не беше нешто што беше предмет на преговори. Второ, понудено ни е линеарно покачување од 2000 денари, кое требаше да се случи автоматски и тоа не треба да биде дел од преговорите“, рече Емилија Бошковска, советничка во Државниот испитен центар и претседателка на синдикалната организација.

Таа кажа дека биле направени ребаланси за покачувањата од 80 проценти на функционерите, но за 30 вработени во ДИЦ кои, како што рече Бошковска, работат многу напорно и имаат големи одговорности, властите не можат да најдат решение.

„Ентузијазмот на вработените е на нула. Што ќе се случува понатаму и како ќе биде, нема да добивате одговори од нас. Ние ќе престанеме да даваме изјави. Ние сакавме да покажеме колку е битна државната матура, но на државата не ѝ е битна. Ние ги молевме, баравме состанок во Владата но сфативме дека ние повеќе се грижиме за децата одошто државата се грижи“, рече Бошковска.

Како што рекоа штрајкувачите, со секое влегување на надворешно лице во просториите во кои влезот е забранет, се нарушува веродостојноста на матурата.

Шаќири: Инсистирам да има матура на 27 мај 

Пред да се случи денешната прес-конференција на штрајкувачите во ДИЦ, Мета.мк зборуваше со министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Тој инсистира датумите предвидени со календарот за полагање матура да не се пролонгираат.

„Датумот за првиот екстерен испит треба да биде на 27 мај. Јас инсистирам да се оди со овие датуми. Ако има потреба да бидат ангажирани уште луѓе кои би работеле на подготовките и организацијата на државната матура, ние како МОН стоиме на располагање“, рече министерот во изјавата за Мета.мк.

Матурантите веќе се подготвуваат за првиот испит   

Митко Димовски, директорот на гимназијата „Орце Николов“, за Мета.мк оценува дека со штрајкот можни се последици и врз матурантите и врз училиштата.

„Испитите за државната матура се закажани за 27.5.2023 и 10.6.2023 година. Доколку се пролонгира полагањето за првиот испит тоа значи дека првиот нареден термин би бил 3.6.2023 година, па така ќе имаат една недела простор од испит до испит, но ако воопшто се поместат двата термини и не се изнајде решение во овој период, тогаш веќе се поклопува со интерните испити за матурантите во матичните училишта кои треба да се реализираат од 13 до 30.6.2023 како и со уписите во средните училишта кои се предвидени за 20 и 21 јуни. Сето ова тогаш ќе резултира и со доцна информација за резултатите од државната матура со што ќе им создаде големи главоболки на оние ученици кои планираат да конкурираат на универзитетите во странство“, предупредува Димовски.

И директорот на гимназијата „Никола Карев“, Aндреј Манолев, за Мета.мк вели дека професорите и матурантите одржуваат подготвителна настава за матурата.

„Ние се однесуваме и се подготвуваме за полагање како да ќе се случи на 27 мај. Не ни помислуваме на одложување. Професорите по македонски јазик си одржуваат подготвителна настава, матурантите се подготвуваат за претстојните полагања“, рече Манолев.