Штрајкот нема да ја промени содржината во матурските тестови

Фото: Taylor Wilcox on Unsplash

Ќе оневозможи ли штрајкот, матурантите навреме да го полагаат испитот на зрелоста? Прашањето за државната матура се актуелизира како што се приближува крајот на учебната година. Испитите се веќе закажани, тестовите се испечатени, но бидејќи материјалот не им е предаден целосно на учениците, прашање е, како ќе им се проверува знаењето на теми кои не ги учеле.

Директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ), Елизабета Наумовска, смирува дека и во вакви услови има решенија кои нема да бидат на штета на матурантите. Испитот ќе се одржи, независно од штрајкот, а Наумовска информира дека за таа намена нема да се печатат нови тестови, туку на матурантите ќе им бидат дадени тестовите кои се веќе испечатени во ДИЦ. Содржината на прашањата во нив, нема да се менува.

„Точно е дека поради штрајкот, на учениците не им е предаден целиот материјал и знаењата не се усвоени. Знаеме дека на матурантите и без штрајкот, периодов не им е многу до учење, па затоа и во матурскиот тест има најмалку прашања од она што се предава во овие последни месеци. Нема простор за грижа бидејќи, ако на пример, по предметот математика, има задача од материјалот кој не го учеле, ќе се даде предлог таа задача да не се бодира и тоа нема да влијае во вкупниот број поени“, вели директорката.

Наумовска појаснува дека матурантите оценката ја добиваат со перцентилен ранг, а не со поени.

„Откако оценувачите ќе ги прегледаат сите тестови, даваат предлог до државната матурска комисија (која, пак, дава предлог до министерот), колку се потребни минимум поени за двојка, колку за тројка. Потоа се формира скалата на оценки од 1 до 5. Оценката се формира отпосле, односно прагот на бодови се формира откако ќе се прегледаат сите тестови. Таква е процедурата“, вели Наумовска.

Годинава, државна матура ќе полагаат 15.899 матуранти. Поради штрајкот, вкупно 1.598 ученици во државата немаат положено проектна задача.

„Затоа сега сакаме да му предложиме на министерот, на оние ученици кои не полагаа проектна задача заради штрајкот, да им овозможиме со измени на Календарот за полагање да полагаат проектна задача додека се во настава, до 20 мај. Бидејќи залудно би ги полагале останатите испити ако немаат положено проектна задача“, вели директорката.

Таа апелира и ги повикува училиштата и наставниците, во интерес на матурантите да им излезат во пресрет и да им организираат полагања на проектна задача без оглед на тоа дали организираат настава или не.

„Станува збор за животно прашање на матурантите. Роковите за државна матура се фиксирани, децата треба да ги имаат дипломите за да можат да се запишат на факултет. Затоа училиштата треба да излезат во пресрет“, додава таа.

Матурантите ќе полагаат испит на зрелоста на 4 и на 13 јуни. На 4 јуни се полага мајчин јазик, а на 13-ти англиски јазик или математика.