Шкелзен Пајазити: Младоста е најдобриот период од животот за остварување на соништата

Шкелзен Пајазити / Фото: Порталб.мк

Уште од шест годишна возраст учествував на разни фестивали за деца на кои пеев. Но, не се пронајдов себеси во пеењето, посилни емоции доживував кога некој свиреше на виолина, тоа ме освојуваше. Се замислував себеси на таа сцена, вели Шкелзен во интервјуто за Порталб.мк.

Сега виолината стана неразделив дел од мојот живот, додава тој. Со неговата виолина, тој учествувал на разни фестивали во Швајцарија, Германија, Италија, Турција, Белгија и други. Секоја манифестација е емоција за себе, убави и посебни мигови. Тој исто така зборува за неговото здружение „Артал“ основано пред 8 години за заживување на културните вредности и обединување на уметниците од сите земји. А, за предавањето во средното музичко училиште во текот на пандемијата тој потенцира дека учењето музички инструменти налага физичко присуство на професорот и ученикот и дека е речиси невозможно наставата да се одржи онлајн, како што беше предвидено од Министерството за образование и наука. Неговата порака за младите пак, е дека младоста е периодот на животот кога ништо не е невозможно, и токму поради тоа е и најдоброто време за остварување на соништата.

Кои беа првите моменти кога одлучивте да се занимавате со музика и зошто се определивте токму за виолина, а не за некој друг инструмент?

Музиката ме освои уште од мали нозе, не можам да кажам точно од која возраст, но сум слушал од родителите дека и уште како многу мал, можеби несвесно, сум имал љубов за музика. Имајќи го тоа предвид, моите родители ми овозможија уште од шест годишна возраст да учествувам на разни фестивали за деца. Иако пеев на многу од нив, сепак не се пронајдов во тоа, туку нешто друго во музиката ме привлекуваше. Не можам да кажам дали јас ја избрав виолината или виолината ме избра мене, но, можам да кажам дека секој пат кога ќе видев концерт по класична музика каде што на сцена имаше некој што свиреше на виолина, во мене тоа будеше неверојатни емоции; звукот на виолината некако ме освојуваше, елегантноста на инструменталистите на сцена, постојаните ракоплескања на публиката како магија ми ја будеа желбата да бидам на местото на уметникот на сцената. Никогаш не можам да го заборавам моментот кога се запишав во Школото за музика. Имав 8 години кога за првпат држев виолина во рацете, во тие моменти летав од радост без да знам дека ја имав избрана мојата животна професија која не беше толку лесна колку што изгледаше. Така, продолжив да вежбам секој ден сè повеќе, и за рекордно време, само после една година успеав да го одржам мојот прв концерт рецитал, а потоа продолжив со многу концерти, манифестации како и бројни други награди во разни натпреварувања.

Сте учествувале на манифестации и различни натпревари во и надвор од државата. Кажете ни нешто за Вашите најубави искуства што сте ги доживеале во текот на натпреварите или манифестациите?

Виолината стана неразделив дел од мојот живот бидејќи најголемиот дел од времето го имам поминато со овој инструмент но, се разбира дека ми овозможи многу убави мигови во животот, мигови за коишто немам зборови да ги опишам, моменти што може само да се доживеат. Сум учествувал како што потенциравте и вие, на многу манифестации, концерти и натпревари во нашата земја, во регионот а исто така и во други земји меѓу кои: Швајцарија, Германија, Италија, Турција, Белгија и др. И насекаде сретнував различни луѓе, личности од тие места кои подоцна ми станаа многу блиски пријатели. Да ви кажам искрено, речиси е невозможно да одвојам некој убав миг зашто сите доживувања ми биле подеднакво убави, но во моментов ќе се потсетам на еден убав момент што ми се случи, пред неколку години, после еден концерт во Босна, каде што едно мало детенце, откако заврши концертот истрча до мене, јас мислев дека сака да ме прегрне, и се наведнав да го прегрнам, но тој ми ја фати раката и почна да ја бакнува велејќи „И јас сакам да станам виолинист како тебе еден ден“.

За сите оние што се заинтересирани да знаат дали виолинистите имаат високи приходи и дали воопшто се ценат виолинистите и музиката во РСМ?

Тешко прашање, хаха. Иако во нашата земја ретки се професиите што се ценат колку што треба, да не кажам воопшто не постојат, сепак, секоја работа што се работи со љубов, посветеност и пожртвуваност несомнено дека еден ќе биде добро наградена.

Вие сте наставник во средното музичко училиште. Во време на пандeмија,
колку беше тешка онлајн наставата за Вас и Вашите ученици?

Имајќи предвид дека учењето музички инструменти, особено виолината, налага физичко присуство на професорот и ученикот, речиси е невозможно наставата да се одвива онлајн. На почетокот од пандемијата пробавме да продолжиме со настава од далечина, но се соочивме со многу тешкотии имајќи предвид дека е потребна пософистицирана технологија за да се следи нежниот звук на инструментите од растојание. Иако Министерството за образование и наука на РСМ веќе даде согласност индивидуалната настава и за музички инструменти да се одржува со физичко присуство придржувајќи се на протоколите, сепак одржувањето на часови во услови на пандемија е многу тешко.

Вреди да се спомне и здружението основано пред 8 години од Ваша страна, именувано „Артал“. Која беше целта за основање на ова здружение и што се одвива таму?

„Артал“ е здружение коешто функционира веќе 8 години и во неговиот багаж се наредени најразлични активности. Главната идеја за основањето на ова здружение беше тоа што во градот со два универзитети да ги воскреснеме вистинските културни вредности обединувајќи ги уметниците од сите земји, како и на младината да и се даде простор за функционирање. Ова здружение уште од основањето има реализирано повеќе од 200 проекти од различни области на културата, уметноста и спортот. Ќе истакнам дека единствената сила во ова здружение е волјата и желбата, колку толку да се придонесе за подигнување на културната свест во ова општество. Кога го спомнуваме здружението „Артал“ не може а да не се спомне и Сенародниот Фестивал „Меридијанс“ што го организираме 3 години по ред, на кој учествувале познати уметници од земјата, Албанија, Косово, Турција, Луксембург, Италија итн.

Која е Вашата порака за младите?
Младоста е период од животот во кој ништо не е невозможно, затоа и претставува најдобар период за да се остварат соништата.