Олимписки тим составен од шестмина најдобри ученици по математика во С. Македонија, деновиве се натпреварува во Осло, на 63. Интернационална математичка олимпијада. Учениците кои ја претставуваат земјата се Јасна Илиева, Никола Спировски, Дамјан Давков, Јан Стојановски, Алексиј Тасиќ и Блаже Суклевски. Водач на тимот е Илија Јовчески, а заменик-водач е Мирко Петрушевски.
Церемонијата на отворањето се одржа на 10 јули, а натпреварувањето се реализира во два дена, денеска и утре.
Пред една недела, Мета објави дека тим наши ученици, освоија четири медали на Јуниорската балканска математичка олимпијада. Ученикот Дамјан Давков освои златен медал, Леонид Тодороски – сребрен медал, а учениците Димитар Фидановски и Марко Митевски, освоија бронзени медали. На олимпијадата успешно учествуваа и учениците Марко Серафимовски и Нина Ламева.
Интернационалната математичка олимпијада е натпревар за средношколци, но нема возрасно ограничување во однос на долната граница, па може да се натпреваруваат и ученици помлади од 15 години. Секоја земја учесничка може да испрати најмногу шестмина натпреварувачи. За прв пат, Интернационална математичка олимпијада се одржала во 1959 година во Романија.