Шекеринска: Изборите пред нас се за конкретни решенија, а не за висока политика

Заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, вчера со европратеникот Рејнард Бутикофер од Европската партија на зелените разговараше за актуелните случувања во Република Македонија, изборите закажани за 11 декември и за евроатлантските интеграции и аспирации на Македонија, соопштија денеска од СДСМ.

– Како политичари, имаме тенденција сите избори да ги прогласуваме за клучни. Но, Македонија овојпат навистина е доведена до ситуација да се бори за враќање на основните демократски вредности – рече Радмила Шекеринска.

Според Шекеринска, претстојните избори ќе бидат, пред сè, за конкретни решенија, а не за висока политика.

– Ние имаме решенија за најгорливите проблеми на граѓаните, како што е невработеноста и лошо платените работни места, пропаднатото здравство и несоодветното образование. Отсекогаш сме имале консензус за евроатлантските интеграции во државава како нешто корисно и неопходно. Но, во последните 10 години, гледаме дека Владата, иако начелно за влез во ЕУ, не направи ништо конкретно за да го постигне тоа. Иако декларативно сè уште се залага, не презема ништо за да станеме дел од ЕУ – посочи Шекеринска.

Од партијата наведуваат дека ставовите и пристапот на Европската Унија кон Македонија биле една од клучните теми на состанокот. Шекеринска истакнала дека и покрај сите случувања, поддршката за влез во ЕУ останува на високо ниво според сите анкети и оти визијата на СДСМ е да ја види Македонија како дел од Европската Унија.