Активистите на „Шарената револуција“ вечерва пред просториите на Специјалното јавно обвинителство со исцртување на римскиот број еден составен од луѓе и од факли го испишаа последниот број од крајниот рок кој го дадоа за исполнување на нивните барања.

Граѓаните наредени во три реда синхронизирано ги запалија факлите и запеаја „Шутка не ти бега Никола“.

Како што рекоа од „Шарената револуција“, оваа бројка е најголемата испишана бројка досега, а со запалените факли направија да биде видлива дури и од Водно.

Додека граѓаните и активистите се оргнизираа како да се постават и како да ракуваат со пиротехниката, се појави неидентификуван маж во цивилна облека кој се обиде да ги сними.

Граѓаните и активистите веднаш го забележаа и тргнаа кон него, викајќи „Кој си ти, зошто снимаш?“. Лицето веднаш побегна, а граѓаните се вратија да се доорганизираат.

Пред почетокот на герила-акцијата, околу 20 часот, на истата локација, герила-акција имале и противниците на „Шарената револуција“ кои фрлија летоци во форма на пари со ликот на „платеници“ и огласи од познати професори кои земаат мито.