Шаќири: За една недела ќе бидат одобрени и последните учебници за шесто одделение

За 7 септември е закажан состанок на Националниот совет за учебници и тогаш ќе бидат одобрени и последните учебници за шесто одделение кои чекаат на одобрување и потоа веднаш ќе се испечатат“, рече министерот за образование Јетон Шаќири на стартот на новата учебна година

Фото: Влада на РСМ

Министерот за образование Јетон Шаќири го оцени како поуспешен стартот на новата учебна година, во споредба со лани. На првиот ден од учебната година, Шаќири, заедно со премиерот Димитар Ковачевски, го посетија Регионалниот центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ во Куманово.

Во однос на доцнењето на учебниците за шесто одделение и нејаснотиите околу спојувањето неколку предмети во ова одделение, министерот за образование рече дека во период од една година успеале во основното образование да одобрат,  испечатат и достават до училиштата повеќе од 50 наслови на учебници.

„За оваа учебна година ги завршивме сите постапки во рок од девет месеци од доставување на сите нови програми за трето одделение. Еве сега најавувам дека за 7 септември е закажан состанок на Националниот совет за учебници и тогаш ќе бидат одобрени и последните учебници за шесто одделение кои чекаат на одобрување и потоа веднаш ќе се испечатат“, рече Шаќири, додавајќи дека оваа учебна година има и постапка и за дигитални скратени помошни материјали кои ќе бидат пуштени во употреба.

Тој рече дека во средното образование, во период од една година, а по повеќе од 20 години, има печатени учебници во стручното образование, а за една година биле одобрени повеќе од 150 наслови.

Министерот за образование вели и дека до училиштата и до нивните раководства се доставени упатства како треба да се организира наставата во однос на спојувањето предмети. Инаку, согласно новата концепција, во шесто одделение, предметите Историја, Географија и Граѓанско образование се спојуваат во предметот Општествени науки.

„МОН е отворено за секој што смета дека концепцијата треба да се унапреди или да се коригира. Ги повикувам сите, освен што објавуваат за проблеми, нека достават и предлог-решенија, сериозно ќе ги разгледаме сите. Знаеме дека беше потребна реформа во основното образование, таа реформа се одвива, во добра насока е, но потребни се некои корекции за да биде подобра во наредниот период. Сите заедно може да придонесеме таа да биде поуспешна“, рече министерот Шаќири.

Според бројките од Министерството за образование и наука, во училишните клупи денеска седнаа околу 185.000 основци и 70.000 средношколци. Дел од образовниот систем станаа и 18.142 првачиња, чиј пак број, од година в година се намалува.

Она што е ново годинава е тоа што за прв пат учениците ќе користат пролетен распуст во траење од една недела.