Селина Ниеми, волонтерка од Финска: Сакам да останам тука за да придонесам за почиста животна средина

Селина Ниеми / Фото: Лична архива

За 50 години отсега се надевам дека еден ден јас ќе бидам бабата од Финска што останала во Македонија и која ќе им вели на младите „Ви реков дека ќе се вратите тука“. Вака за себе вели дваесет и шестгодишната волонтерка Селина Ниеми од Финска, која веќе две и пол години престојува во Скопје преку Еразмус размена во Волонтерскиот Центар Скопје (ВЦС).

Селина Ниеми | Фото: Лична архива

„Знам дека многу млади не се задоволни и сакаат да заминат од тука и секој пат кога ќе сретнам некој, ме прашуваат „Зошто сакаш да останеш? Зарем си луда?“ Пораката што сакам да ја пренесам е дека државата навистина има толку многу убави места и сите тие работи ги надминуваат оние лошите. Секако, свесна сум за проблемите со кои се соочува државата, па затоа и се фокусирам на оние што се добри за да може да ги развиваме и на тој начин да се множат, надевајќи се дека еден ден ова ќе биде државата во која сите ќе сакаат да останат“ вели Селина.

Таа во С. Македонија пристигнала една и пол година пред да биде прогласена пандемијата со ковид-19. Во тој период започнала со волонтирање во ВЦС каде се занимава со младинска работа преку Еразмус програмите што најчесто вклучува организирање локални настани со квизови, караоке шоуа, отворени сцени, гејминг вечери, работилници за млади итн. Поради ковид пандемијата, сега фокусот на работа и е во ребрендирањето на списанието на ВЦС „Воисес“, како и спроведување еко акции заедно со граѓански организации во државата.

„Работата во ВЦС ми е приоритет бидејќи многу ја и организацијата сама по себе, а во моето слободно време сум еко активист. Не сакам да бидам само волонтер кој сака да живее и да се забавува во странство, туку сакам да придонесам некако за општеството. Многу волонтери волонтираат во различни сфери, како на пример, со деца, со животни итн. а екологијата е нешто што мене ми е при срце бидејќи токму Финска е на едно повисоко ниво кога станува збор за животна средина и поради тоа не сум навикната да гледам отпадоци насекаде. Не сакам да гледам расфрлан отпад и тука каде што живеам веќе некое време, и на тоа работиме заедно со таканаречениот наш Зелен тим, заедно со дечките и девојките од ‘За почиста Македонија’“ додава Селина.

Пред да започнат активностите со еко-акциите, Селина вели дека почетните рестрикции кои се наметнаа минатата година поради ковид-19 и помогнале да се фокусира на себеси и со тоа да ги развие своите вештини.

„Се чувствувам како да пораснав бидејќи научив толку многу работи. Особено од аспект на тоа дека не сум само некој млад волонтер кој сака да патува и да се забавува, туку дојдов до реализацијата дека сакам тука да ја градам иднината што можеби звучи смешно за локалното население кое постојано трага по излез од државата. Се евалуирав себеси, особено кога дојде есен, а ситуацијата сè уште траеше и немаше некое особено подобрување. Затоа се прашав себеси што сакам понатака, кои се моите цели итн. со што сфатив дека короната ни даде време да се посветиме себеси, за разлика од претходно кога бевме зафатени со многу обврски и случувања околу нас, а немавме време да застанеме и да се послушаме себеси“, вели Селина.

Таа се присетува кога пред една година беше прогласена пандемијата било голем шок во младинската организација бидејќи сите активности морало да се применуваат онлајн, а дел од волонтерите кои престојувале во државата си заминале дома предвреме, со цел да бидат со своите блиски во текот на кризата.

„Во врска со работниот дел, некако се смири целата ситуација бидејќи не ни беше дозволено да се движиме и групираме и затоа фокусот на нашите активности беше како се да организираме онлајн што и не е многу соодветно за организации кои што се занимаваат со младински размени. Затоа се фокусиравме на нашето списание „Воисес“ кое воглавно функционира онлајн, а исто така праевме и квизови на Инстаграм. Првата недела беше особено тешка бидејќи настана паника, бевме затворени и луѓето сакаа да си заминат дома. Јас буквално само еднаш помислив да си заминам за Финска, но таа мисла набргу исчезна бидејќи Македонија е мојот дом сега. На почетокот, како и сите, мислев дека короната нема да трае многу долго но си реков дека штом вирусот е тука, сигурно ќе стигне и во Финска, па затоа не е важно каде сум се додека се чувствувам исполнето и среќно“, низ смеа раскажува Селина.

Она што било тажно за неа на почетокот на пандемијата е што запрела праксата со размените со кои доаѓаат нови луѓе од различни држави кои треба да живеат и работат тука, со цел да ги запознаат културите.

„Тоа е нешто што најмногу ми недостигаше. Но од друга страна, со тоа се отвори простор и време повеќе да се зближам со локалните пријатели од тука. Сепак најмногу од сè ми недостига интеракцијата со луѓето, не од аспект на излегување и забавување, но од аспект на дружба без рестрикции, како и забрана за гушкање“, додава таа.

Во текот на полициските часови и карантинот, Селина живеела со три пријателки, волонтерки од други држави кои исто така преку Еразмус размена се дојдени во Скопје, што им овозможило полесно да ги пребродуваат моментите „да се биде во четири ѕида“. Особено ако се има предвид фактот дека повеќе од една година ги нема видено своите блиски и пријателите во Финска, за кои вели дека многу и недостигаат, но дека со нив често контактира преку видео повици.

„Мислам дека ние бевме едни од најсреќните луѓе во текот на карантинот бидејќи бевме три другарки во еден стан што ни остави простор да се дружиме, да готвиме заедно, да се посветиме на активности како вежбање и слично. Се обидовме да го искористиме најдоброто од она што ни се пружи во моментот. Во тоа ни помогна тоа што сите три сме од различни држави, а сепак многу добро се сложуваме“ додава Селина.

Младата волонтерка вели дека нема конкретни планови за својата далечна иднина, но дека засега останува во С.Македонија ангажирајќи се за почиста животна средина.