Kонференција за младинска работа и граѓански активизам во организација на Коалицијата СЕГА

Важноста на поттикнување на граѓанскиот активизам кај младите од основното и средно образование е од посебно значење доколку сакаме да го развиеме граѓанскиот активизам кај младите, извршниот директор на Коалицијата СЕГА, Зоран Илиески

фото: Коалиција СЕГА

Коалицијата на младински организации СЕГА денеска ја одржа конференцијата „Низ призмата на младинската работа – Зајакнување на младинската работа и граѓанскиот активизам преку дигитално младинско учество“.

На настанот се споделија добри практики од пилотирање на методологии за поттикнување на младинското учество и граѓанскиот активизам помеѓу младите, а беа претставени и два иновативни прирачници (DigyPAC и MOLA) кои користат онфлајн и онлајн методи и алатки за обуки со млади кои можат да се пилотираат во формални и неформални образовни поставки, како и алатка за дигитално младинско учество.

„Важноста на поттикнување на граѓанскиот активизам кај младите од основното и средно образование е од посебно значење доколку сакаме да го развиеме граѓанскиот активизам кај младите. Со проектот донесовме три нови методологии наменети за училиштата и граѓанските организации кои ќе им овозможат на младинските работници нови неформални пристапи за активирање на младите преку дигитално младинско учество“, истакна Зоран Илиески, извршен директор на Коалицијата СЕГА.

Претседателката на здружението ЗЕОООП, Александра Петровска изјави дека новата дигитална ера донесе нови потреби за дигитално учество кое граѓанските организации го интегрираа во своето работење, надополнувајќи ја празнината на спората реакција на образовниот систем.

На конференцијата учествуваа наставници и стручни соработници од основни и средни училиште, како и претставници на невладини организации, младински работници и службеници на млади од општините и од институциите.