Американските власти и тимовите за спасување се во трка со времето при напорите за пребарување на Атлантскиот океан, по исчезнувањето на мала подморница со пет лица која нурнала упатувајќи се кон потонатиот брод „Титаник“.
Подморницата, позната како „Титан“, е управувана од компанијата „OceanGate Expeditions“, а американската крајбрежна стража соопшти дека контактот со неа бил изгубен 1 час и 45 минути откако нурнала во неделата попладне, пишува „Гардијан“.
Подморницата има капацитет да биде под вода 96 часа, но не е јасно дали сè уште се наоѓа во морето или излегла на површина и не може да комуницира со крајбрежната стража.
Американските и канадските агенции, морнарицата и комерцијалните фирми помагаат во спасувачките напори, јави Би-би-си.
Подморницата „Титан“ се користи за истражување на остатоците од бродот „Титаник“. Експедициите вклучуваат археолози и морски биолози. Компанијата која ги организира експедициите носела и луѓе кои плаќале за да ги видат остатоците од бродот – наречени „специјалисти за мисијата“.
Крајбрежната стража на Бостон која ја предводи операцијата на пребарување, соопшти дека во подморницата се наоѓале еден пилот и четворица специјалисти за мисијата. Од таму рекоа дека бродот „Polar Prince“ од кој подморницата се одделила ќе продолжи да пребарува во текот на ноќта, додека канадскиот авион „P8 Poseidon“ ќе продолжи со потрагата наутро.
Потонатиот брод „Титаник“ се наоѓа на околу 700 километри јужно од Сент Џонс, Њуфаундленд. „Титаник“, кој беше најголемиот брод во своето време, удри во санта мраз на своето прво патување од Саутемптон до Њујорк во 1912 година. Од 2.200 патници и членови на екипажот, повеќе од 1.500 загинаа.
Неговите остатоци се опширно истражувани откако беа откриени во 1985 година.