Се собира ѓубрето од здравствените установи, протестот во „Комунална хигиена“ ќе продолжи до оставка на Мазнева

Општина Центар соопшти дека од утре наутро, хигиеничарите од Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ и дел од општинската администрација, со целата механизација на претпријатието и дополнителна опрема за собирање смет, ќе почнат со одржување на јавната хигиена

Фото: Суад Бајрами/Порталб.мк

Вработените од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје денеска донеле одлука да го соберат ѓубрето од скопските болници и поликлиники, но се децидни дека нивниот протест ќе продолжи сѐ до оставка на директорката Косана Мазнева, јави Порталб.мк.

Тие излегоа на терен и почнаа да го товараат ѓубрето од Специјалната хируршка болница „Св. Наум Охридски“ кај Собранието, од Клинички центар, од Градска болница „8 Септември“, детската болница во Козле и поликлиниките и другите здравствени установи, известува Порталб.мк.

Вработените ноќеска на протестот на кој се појави директорката порачаа дека бараат зголемување на платите и подобрување на условите за работа, како и враќање на работа на работниците што неодамна биле отпуштени, но потоа ситуацијата ескалираше и почнаа да бараат оставка од Мазнева.

По ноќешниот протест на кој Мазнева со полиција „ги молеше“ работниците да работат, денеска почнува чистењето кај болниците

Во меѓувреме, Скопје полека почнува да се гуши во смрдеата од несобраното ѓубре, кое се повеќе се натрупува до преполнетите контејнери.

Во Скопје смрдеа од преполните контејнери и револт на граѓаните (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Општина Центар соопшти дека од утре наутро, хигиеничарите од Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ и дел од општинската администрација, со целата механизација на претпријатието и дополнителна опрема за собирање смет, ќе почнат со одржување на јавната хигиена.

„Штом Град Скопје не успева да најде решение за функционирање на претпријатието ЈП „Комунална хигиена“ кое е под ингеренции на градот тогаш Општина Центар нема да дозволи граѓаните да се дават во смет и потенцијална зараза од летните температури“, се вели во соопштението.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски рече дека Општина Центар започнува да ја чисти општината и да го собира сметот самостојно од од 8 часот.

„Обезбедени се 4 камиони за собирање смет и еден камион за подигање контејнери, како и целата механизација на ЈП „ПОЦ“ меѓу кои три метларки и цистерна за темелно миење на улиците. Рано наутро речиси сите хигиеничари заедно со цела механизација излегува на терен. Уште еднаш апелирам Град Скопје итно да ги реши проблемите во јавното претпријатие и да започне со чистење на градот. Граѓаните не смее да бидат жртви на лошото управување во градот, ризикот по здравјето на граѓаните е огромен“, порача Герасимовски.

Скопје се гуши во ѓубре, вработените протестираат, Мазнева се жали на закани по живот [галерија]