По ноќешниот протест на кој Мазнева со полиција „ги молеше“ работниците да работат, денеска почнува чистењето кај болниците

Работниците се пожалија дека директорката ги нарекувала „ѓубреџии“. Бараа да се вратат на работа и работниците што биле ангажирани преку агенција и преку Град Скопје

Директорката на скопското јавно претпријатие „Комунална хигиена“, Косана Мазнева, околу 1 часот ноќеска, со полициска асистенција, побара од работниците што штрајкуваат да излезат и да си ја вршат работат. Тие, пак, едногласно одбија да работат пред да им бидат исполнети условите, известува Порталб.мк, чиј новинар ноќеска беше во кругот на јавното претпријатие, близу Топлана „Исток“ и до поранешната фабрика за автобуси „11 Октомври“.

Ситуацијата е сменета денеска, откако вработените се договориле да чистат само во болниците, јави Порталб.мк.

Директорката Мазнева, којашто до ноќеска одбиваше да се соочи со работниците и синдикалните лидери, побарала интервенција од полицијата пред да се соочи со работниците.

„Директорката дојде со полиција да нѐ натера да работиме. Зошто ги повикала специјалците, никој не и` се закани, ние имаме наши барања и нема да одиме да работиме додека не бидат исполнети. Бараме првин да биде разрешена директорката, бидејќи таа повеќе не е наша директорка“, изјавија револтираните работници за Порталб.мк.

Мазнeва со дел од работниците влезе во еден од објектите. По состанокот, Мазнева рече дека работниот процес мора да продолжи денеска.

„Имавме еден разговор и разговаравме за состојбите и случувањата во Јавното претпријатие Комунална хигиена – Скопје, односно за овие, како ги викате вие, протести. Ова не е официјален штрајк, туку искажување на револт и спречување на работниот процес, што е спротивно на законот. Ќе разговараме од понеделник, денеска работниот процес мора да продолжи“, рече Мазнева, на што насобраните работници порачаа дека „не, не, не, нема да продолжи“.

„Директорка, со специјална единица нема да продолжи…. . 39 години сум тука. Сме го држеле градот, метрополата Скопје и никогаш не сме имале ваква ситуација. Немаме потреба од специјалци, ние храниме фамилии тука, од оваа фирма. Ние не сме криминалци“, рече Насер Биљали.

Друг работник порача дека во неговиот досегашен стаж, ова е првпат да се соочат со репресија.

„Работам тука 40 години и никогаш не сме имале ваква репресија од полицијата и од генералната директорка. Сакавме да разговараме, вие не сакавте да разговарате. Врати ги вработените што биле на работа и покачи ги платите а ние сме спремни во секоја секунда да излеземе и да одиме на работа“, рече тој, по што колегите го поздравија со аплауз и извикуваа „Нема излегување“.

Работниците се пожалија дека директорката ги нарекувала „ѓубреџии“. Бараа да се вратат на работа и работниците што биле ангажирани преку агенција и преку Град Скопје.

Пред новинарите, Мазнева одби да ги нарече луѓето што протестираа работници, туку ги оквалификува како „група контролирана од подземјето“. Новинарот на Порталб.мк пред работници праша дали таа може да посочи некој што сторил кривични дела меѓу насобраните вработени, но директорката не го направи тоа.

„Едно имам да изјавам: Во ова јавно претпријатие, се додека јас сум директор, мора да работи само според законот. Мора да се почитуваат сите законски прописи и акти и не може да биде никако поинаку освен така.. За сѐ друго, може да разговараме“, рече Мазнева, по што работниците продолжија со барањата да им ги исполни условите.

„Покачи ја платата за 50 отсто и веднаш излегуваме на терен.. И врати ги вработените што сте ги избркале“, порача еден од вработените, како што се гледа на видеото на „Порталб“

Директорката на ЈП Комунална хигиена им вети на работниците дека следниот месец ќе добијат К-15, што како што рече, никогаш во изминативе 15 години не го добиле, на што вработен рече дека 25 години вработените не добиле К-15

Претставниците на Мазнева и на полицијата побараа само една екипа да отиде и да го собере ѓубрето од Клинички центар, на што работниците едногласно одговорија „нема шанси“.

Откако ги одбија барањата на Мазнева, припадниците на полицијата се обидоа да ги убедат работниците да испратат тим на терен, на што работниците одговорија „со должна почит кон полицијата, ова не може да биде исполнето без да се исполнат нашите барања“.и почнаа со скандирање „оставка, оставка“.

Владо Ѓорѓиевски, еден од возачите на камионите, рече дека директорката не сакала да разговара со нив и ги навредувала.

„Знаете ли со какви ситуации се соочуваме во градот? Одиме да го собираме ѓубрето, тие ги покриваат носевите и викаат „еве ги ѓубреџиите“. Потценета работа, а платата е ниска. Не сакаме да зборуваме со директорката, бидејќи таа користи вулгарни зборови. Како што чув, рекла дека нема да зборува со ѓубреџии. Нели е срамота, јас сакав да се сретнам со неа да разговарам, бидејќи ги знам одговорите на многу прашања, но таа ме одби. Во меѓувреме, синдикатот дојде да нѐ поддржи следниот ден и синдикалците беа избркани. Како може да се случува ова, ние не бараме нешто што не ни припаѓа. Вака ли ќе одиме во Европа. Те тепа и не ти дава да плачеш. Не разбирам!“, вели Ѓорѓиевски.

Друг вработен во Комунална хигиена вели дека директорката го обвинува синдикатот за организирање и поттикнување бунт.