Се поедноставува процесот на аплицирање за финансиска поддршка за учениците и студентите

При пријавување на учениците од основните и средните училишта, родителите/старателите кои не се во работен однос, немаат обврска да достават потврда од Агенцијата за вработување, туку треба да достават извод од сите лични трансакциски сметки за претходен месец

Фото: Image by Michal Jarmoluk from Pixabay

Во врска со двата јавни повици за финансиска поддршка на учениците во основните и во средните училишта, како и за студентите, Министерството за образование и наука (МОН) информираше дека процесот на аплицирање се поедноставува, со цел да се излезе во пресрет на барањата на дел од потенцијалните апликанти.

При пријавување на учениците од основните и средните училишта, родителите/старателите кои не се во работен однос, немаат обврска да достават потврда од Агенцијата за вработување, туку треба да достават извод од сите лични трансакциски сметки за претходен месец како доказ дека не постојат приходи по основ на плата.

За учениците чии родители не се во брак, изјава пополнува само оној родител кој со судска одлука му е доделено правото на старателство, без да се достави писмена согласност од другиот родител. Ова важи и за децата од вонбрачни заедници – изјава и податоци доставува само едниот родител.

Во однос на аплицирањето на студентите за покривање на дел од трошоците за превоз, од МОН велат дека најчесто прашање било што се смета како доказ за висина на месечниот билет за меѓуградски превоз од местото на живеење до местото на студирање. Апликантите треба да достават фотографија од месечен билет или фискална сметка, како и „принтскрин“ од цените објавени на веб-страницата на превозникот.

МОН вели дека врши проверка на веродостојноста на податоците во документите од секоја доставена апликација, а утврдувањето на невистинити податоци повлекува и соодветна одговорност.

Финансиската поддршка од 16,3 милиони евра што е предвидена за помош на учениците и студентите е дел од деветтиот пакет антикризни мерки на Владата за поддршка на граѓаните, во износ од 662 милиони евра, наменети за социјално ранливи категории граѓани.