fbpx

Се очекува подобрување на Законот за административни службеници за да се елиминира вработувањето на „партиските војници“

-

Најголемиот дел од вработените во администрацијата се сметаат за „партиски војници“, бидејќи постоеше перцепција дека се вработени во „мајката“ партија, но тоа не е само перцепција, туку и горчлива реалност. Затоа, Европската унија со години ја критикува земјава, потсетувајќи дека вработувањата треба да се вршат врз основа на системот на меритократија, а не со непотизам или други врски. Законот што го регулира ова прашање сè уште не е одобрен, а првиот човек на Министерството за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, вели дека вообичаено главното прашање за ваквите закони е политичката волја, пренесува Порталб.мк.

Со усвојување на Законот за административни службеници (ЗАС) беа поставени нови стандарди во однос на управувањето со човечките ресурси во јавниот сектор. Но, по 5 години од неговото донесување, на површина излегоа низа практични проблеми во спроведувањето, за чие надминување неопходно е законот да се применува доследно и да се постигне целта за која е донесен.

Министерството за информатичко општество и администрација имаше намера да подготви измени и дополнувања на законот врз основа на практичните забелешки на оние кои го спроведуваат законот, но со оглед на фактот дека добиените анализи и забелешки покажаа дека треба да се сменат повеќе од 1/3 од постојните членови, беше изготвен целосно нов закон, чија основа е постојниот Закон за административни службеници.

За измените во Законот за административни службеници (ЗАС) и другите закони за администрација, експертите кои имаа сознанија за предложените законски решенија и со кои разговарале тие што го подготвиле извештајот „Следење на процесот на европска интеграција: Реформа на јавната администрација“ на Фондацијата Метаморфозис, имаат различни мислења.

Некои од нив ги сметаат за добри. Други експерти велат дека имало многу забелешки за делови од ЗАС, за кој велат дека е подобрен во делот на системот за заслуги при вработување (истиот и порано го овозможуваше системот за заслуги доколку би се имплементирал правилно) и мали промени во однос на напредокот, односно евалуацијата на администрацијата. Но, имаше и други спорни елементи на кои граѓанскиот сектор реагираше дури откако измените беа објавени во ЕНЕР, бидејќи претходно не беше вклучен во пишувањето на предложените измени.

Кога станува збор за овие два закони, ЗАС и Законот за вработените во јавниот сектор, според дел од експертите, во еден дел се работи за усогласување на двата закони, и делумно за подобрување на системот за вработување, категоризација и оценување на административните службеници.

Гледано генерално и интегритетот на јавната администрација зависи од департизацијата, непотизмот и кронизмот, и во однос на отпорот кон злоупотреба и корупција. Ова повеќе пати го потенцирале сите домашни и меѓународни субјекти кои директно или индиректно се одговорни или го оценуваат прашањето на корупцијата.

Законот за административни службеници беше разгледан и одобрен од Владата на крајот на март и беше испратен до Собранието при што едно од главните образложенија беше дека е потребно усогласување на измените во него со измените на Законот за минимална плата. Уште од крајот на март, ЗАС е достапен на веб-страницата на Собранието за преглед и одобрување со скратена постапка, но сè уште не е одобрен.

Во интервју за Порталб.мк, министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, на прашањето зошто мисли дека овој закон ќе се донесе сега, кога се знае дека за истиот се говори долго време, и од двајцата министри пред него, а тој рече дека за тоа е потребна политичка волја, и дека на актуелната власт ова волја не и недостасува.

„Го подготвуваме и законот за административните службеници каде дел од законот е и начинот на вработување во јавната администрација. Знаеме дека во последните децении во Македонија типично за вработувањата во администрацијата се случаите кога одредена политичка партија определува кој треба да се вработи и да не се користи механизмот на меритократија. Она на што работиме со овој закон е да се потврди дека политичките партии нема да можат да се мешаат при вработувањата. Сакам да кажам дека за вакви закони и за дигитализација во контекст на административната транспарентност вообичаено главното прашање е политичката волја. Тоа што сега можам да го потврдам е дека и ние како министерство и актуелната влада ја имаме потребната политичка волја да преземеме конкретни чекори за зголемување на ефикасноста на јавната администрација и донесување на закони кои можеби на краток рок политички нема да бидат добро прифатени, но долгорочно ќе бидат во корист на државата и граѓаните“, рече Алити.

Инаку, предмет на Законот за административни службеници се статусот, класификацијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и обука, мерењето на ефектот и други прашања поврзани со вработувањето на административните службеници.

Европската унија, како и во минатите извештаи, и во тој од 2021 година побара да се применува меритократијата и очекува во наредниот период да се донесе и спроведе новиот закон за административни службеници, законите за вработените во јавните служби и за високата раководна служба.

„Северна Македонија во моментов ја ревидира законската рамка за управување со човечки ресурси преку ревизија на Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор и воведува нов закон за висока раководна служба. Новата рамка треба да го подобри управувањето со човечките ресурси во администрацијата општо, а ќе придонесе и за обезбедување подобро почитување на вработувањата засновани на заслуги, унапредувањата и отпуштањата, вклучително и во ниво на повисоките раководни позиции“, се вели во извештајот на ЕК за 2021 година.

Реформите во администрацијата на Северна Македонија, освен што се потреба за граѓаните, тие се и услов за интеграција на земјата во ЕУ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...