fbpx

Вистиномер: Апсењата и депортациите на членовите на МС-13 не се заслуга на ,,Кју армијата на Трамп”

-

Бандата има корени долго пред Трамп да биде претседател и нивните криминални дејствија во САД продолжуваат и откако Трамп не е веќе претседател. Апсењата се заслуга на ФБИ, кои координирано, со полицијата на секоја држава и со локалните власти, се бори да ја сузбие бандата, инаку стара од 1980 година. Според извештај од 2009 година од државни органи на САД, уште тогаш една од стратегиите е да се депортираат овие членови на бандата во нивните земји, вклучително и во Ел Салвадор, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се претставени фотографии и видео материјал од лица кои изгледа дека се затвореници, сместени во затворска установа.

Во постот се вели:

2019, 2020. Уапсени се 16 илјади само во САД од Кју армијата на Трамп. Криминална банда МС 13, која вршела валкани работи по нарачка на дипстејт. Сите се со тетоважи и ќелави. Кражба на деца, убиства итн.

Фотографиите и видеата кореспондираат со оние објавени на веб страницата на Ројтерс на 4 септември 2020 година.

Под описот на една од фотографиите на Ројтерс пишува дека се работи за припадници на банда кои се во келија на Кецалтепеке затворот, за време на посета од медиумите во Ел Салвадор. Се додава дека Ел Салвадор ги отворил вратите на пренатрупаниот затвор за да се пофали за успесите на својата стратегија против криминалот, на денот кога властите известиле дека планираат да ги истражат наводите дека самата влада преговара со членови на озлогласената банда и за да се намали стапката на убиства.

Според објавата на Сан, фотографиите од тетовирани, речиси голи членови на банда во Ел Салвадор се објавени да го спречат насилството, а така изјавил претседателот Најиб Букеле.

Освен членовите на бандата МС-13, во затворот фотографирани се и членови на бандата Барио 18, додека чекаат да бидат претресени во ќелиите со максимална сигурност. Овие банди се познати за нивните убиства во Јужна Калифорнија. Овие фотографии, според написот на Сан, доаѓаат неколку месеци откако претседателот Букеле ветил дека ќе ги изведе бандите пред лицето на правдата за мноштвото убиства.

Букеле доби поддршка во првата година од мандатот зашто стапката на убиства продолжила да опаѓа, пишува Сан, и тоа од девет убиства дневно на две. Но, ако се погледнат написи од Дејли Мејл, се гледа дека проблемот со овие две банди е стар, а за него има известувања уште од 2013 година, кога, исто така, се фотографирани во затворски ќелии во Ел Салвадор, а тогаш претседател на САД не беше Доналд Трамп.

Постот кој го рецензираме е делумно невистинит, поради контекстот во кој е ставено ова апсење на лицата. Прво, невистинито е дека ,,Кју армија на САД ги уапсила членовите на бандата” и второ, невистинито е дека тие ги вршеле грозоморните акти „по нарачка на дипстејт”. Бандата има корени долго пред Трамп да биде претседател и нивните криминални дејствија во САД продолжуваат и откако Трамп не е веќе претседател.

Што е М-13?

Многу членови на МС-13 биле депортирани во Ел Салвадор по цивилната војна уште во 1992 година или откако биле уапсени, со што бандата се проширила во Централна Америка. Тие се активни во САД, Канада, Мексико и во Централна Америка.

МС-13 е формирана од имигранти од Ел Салвадор во САД, кои избегале од цивилната војна во нивната земја. Некои од членовите се тренирани во герила борби и како да користат воено оружје. Бандата е добро организирана и длабоко вклучена во лукративни илегални дејствија, со злокобни начини со кои ги постигнува своите цели, вклучително и со насилство. Уште во 2009 година, за нив, официјалните органи на САД пишуваат дека користат заплашување за да изнудат пари од сопственици на бизниси за да може да имаат бизниси на териториите окупирани од оваа банда. Вклучени се во силувања, шверц на украдени автомобили од САД во Централна Америка, а шверцувале и оружје и нелегално го продавале. Се смета дека се главниот канал за продажба на дрога во Хјустон. МС-13 имаат нивни групи кои вршат кражби низ САД, крадат лекови од аптеки и потоа ги продаваат на црниот пазар. Има извештаи дека учествувале во трговија со луѓе. Во 2004 година, ФБИ има креирано посебен оддел за борба против МС-13. Тогаш Трамп ниту бил претседател, не бил вклучен во политиката, па оттаму не ни можел да „нареди нивно апсење”. Апсењата се заслуга на ФБИ, кои координирано, со полицијата на секоја сојузна држава и со локалните власти, се бори да ја сузбие бандата, инаку стара од 1980 година. Според извештај од 2009 година од државни органи на САД, уште тогаш една од стратегиите е да се депортираат овие членови на бандата во нивните земји, вклучително и во Ел Салвадор.

И ден денешен, судовите во САД ги осудуваат овие членови на бандата на 50 години затворска казна во федерален затвор, а претседател е Џо Бајден, а не Трамп.

Според извештај од 2009 година, бандата има меѓу 30.000 и 50.000 членови во светот, од кои од 8 илјади до 10 илјади се во САД. Во Централна Америка бандата е најсилна во Ел Салвадор, Хондурас и Гватемала, а операции изведува во Њу Џерси, Мериленд, Вирџинија, Тексас, Мексико, Колумбија, Кореа, Франција, Австралија, Перу, Египет, Еквадор и Куба.

Иако Доналд Трамп не е единствениот претседател во чиј мандат САД се бореше против МС 13, во неговата политичка кампања МС-13 беа на широко споменувани како топ приоритет. МС-13 беше тема на неговиот политички дискурс и дебатите за имиграциските политики, а републиканците ги обвинуваа демократите дека се виновни за насилството од страна на МС-13 бандата. Трамп невистинито тврдеше дека градови биле „ослободени од присуството на МС 13 благодарение на неговото претседателство”.

Исто така, Трамп невистинито ги обвинуваше демократите дека ја поддржуваат МС-13 бандата, иако во неговиот мандат во 2018 година, имало 10 илјади членови на бандата во САД, стабилен број како и во изминатата деценија.

Поради сите горенаведени факти, постот го оценуваме како делумно невистинит. Точно е дека на фотографиите во постот што го рецензираме претставени се членови на бандата МС-13. Точно е дека тие се гонат за грозоморни криминални дејствија. Но, не е точно дека ги уапсила ,,Кју армијата на Трамп” ниту пак дека вршеле криминали по нарачка на дипстејт.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...