Профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ со име „Ел Чека“, веќе неколку дена споделува некои прислушувани материјали или т.н. „бомби“, кои датираат од периодот од 2008 до 2015 година, период во кој тајната полиција нелегално прислушувала илјадници граѓани, а подоцна дел од тие разговори беа објавени од поранешниот опозициски лидер Зоран Заев.

Во овие разговори се слушаат функционери на ДУИ кои разговараат меѓу себе, меѓутоа има и разговори меѓу нив и претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, со кои тогаш беа на власт, известува „Порталб.мк“.

Од Министерството за внатрешни работи, велат дека во координација со Јавното обвинителство ги преземаат сите неопходни мерки за расчистување на случајот со поставувањето снимки од прислушуваните разговори во социјалната мрежа „Фејсбук“.

„Констатирано е кој стои зад профилот на „Фејсбук“, од каде се поставени овие содржини и за тоа е известено Обвинителството. Исто така, е известена и социјалната мрежа „Фејсбук“. По целосното разјаснување на случајот, МВР ќе поднесе кривична пријава против сторителот и соодветно ќе ја информира јавноста”, се вели во соопштението на МВР.

Премиерот Зоран Заев денес рече дека не ги слушнал објавените прислушувани разговори во последните неколку дена во социјалните мрежи. Заев се воздржа од нивно коментирање, додавајќи дека истражните органи треба сериозно да поработат на случајот.

„Прислушуваните разговори не влијаат на односите со ДУИ, и кој и да ги објавува треба да знае дека, со Договорот од Пржино, опозицијата ги предаде прислушуваните разговори во СЈО и дека нивното објавување е забрането”, рече Заев, додавајќи дека не ја негира можноста прислушувани разговори да има и трета страна, бидејќи според него, опозицијата поседувала само една третина од прислушуваниот материјал во УБК.

ДУИ бараат одговорност од надлежните органи, бидејќи според нив, истото се повторува постојано, но никој не се казнува.

„Обвинителството, Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита на личните податоци, да се ангажираат бидејќи гледаме постојано повторување уште од 2015 година, без никакви конкретни резултати, секогаш со идентификација на проблемот, но не и решение. Мислам дека одговорноста треба да се бара од сите овие институции, бидејќи вака не може да се развие општеството и не може да се функционира со такви методи на дејствување, какви што не можеме да видиме никаде во светот. ДУИ е постојано дел на напади од страна на одредени групи било со пропаганда, лажни вести или други начини и секогаш триумфирал во сите овие процеси, бидејќи гледаме дека ниту еден криминал, корупција не се документира од сите овие напори”, вели за „Порталб.мк“, пратеникот на ДУИ Артан Груби.