fbpx

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со различни аршини за дезинформациите околу двојното убиство

Кратката споредба покажува дека ВМРО-ДПМНЕ, сепак има негативен скор во ширењето недоверба во институциите, поттикнувајќи директно ширење на дезинформациите во медиумскиот и интернет просторот околу овој случај

-

Кратка анализа на јавната комуникација на двете главни политички партии од власта и опозицијата околу двојното убиство што ја потресе земјата, покажува разлики меѓу двете партии: СДСМ, сепак, делуваше поодговорно, додека ВМРО-ДПМНЕ – дури и ако се земе предвид легитимитетот на опозицијата да поставува прашања или предизборниот период – ја занемари одговорноста кон јавноста и придонесе наместо за смиреност, за натамошно ширење на дезинформации кои предизвикаа страв и несигурност, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се мртви и чекаат упокојување со реализација на казните на нивниот убиец или убијци, но траорот и последиците од настаните за кои јавноста дозна во последните денови од ноември, уште долго ќе останат во сеќавање на целото македонско општество.

Меѓу поголемите последици е деструкцијата што ја направи ерупцијата на дезинформации што се бележеа уште на 27.11.2023, но особено го преплавија целиот простор на социјалните мрежи и медиумите од неделата (03.12), кога МВР соопшти дека се пронајдени телата на двете жртви. Стручната, а и пошироката јавност нема дилеми за влијанието на политиката врз ширењето дезинформации, како еден од поглавните фактори, а мини анализата барем на поглавните соопштенија и прес-конференции на двете главни македонски партии во Собранието, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, потврди дека сепак има разлика во однос на чувството на одговорност што треба да се има во вакви моменти. Скорот е неповолен за опозициската партија, главен претендент да управува со земјата во 2024 година.

 

СДСМ се држеше до брза реакција и расветлување

За владејачката партија СДСМ, МВР и министерот Оливер Спасовски направиле професионална и ефикасна истрага и за кратко време ги откриле сторителите и го расветлиле настанот. Тоа го покажуваат трите соопштенија што можат да се забележат на нивната веб-страница кои се речиси идентични со мали разлики.

Па така од СДСМ во соопштението од 05.12.2023 зборуваат за „посветеност и професионалност“, за „расветлување“ и за „пронаоѓање на сторителите“:

Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство како надлежни институции покажаа посветеност и професионалност на високо ниво во расветлување на грозоморните убиства, кои го потресоа целото општество и тоа е за поздравување… МВР и Јавното обвинителство навреме преземаа соодветни, интензивни активности и ги пронајдоа сторителите на грозоморното злосторство…- се наведува во оценката на СДСМ во нејзиниот комуникациски став со јавноста.

Истото, но уште подецидно, СДСМ го соопшти ден претходно, на 04.12, кога изразувајќи сочувство до семејството и до соучениците на Вања Ѓорчевска, децидно се оценува дека МВР и ЈО „работеа интензивно, целосно го расветлија случајот, ги пронајдоа сторителите на ова грозоморно злосторство и тоа е за поздравување“.

Од моментот на грабнувањето, 27 ноември, СДСМ нема објавено соопштение или друг став што би бил регистриран како партиски став за овој случај, па дури ни изјавите на министерот Спасовски кои ги давал во меѓувреме од исчезнувањето до соопштувањето дека Ѓорчевска е пронајдена мртва.

Она што не е наведено во партиските соопштенија се деталите од прес-конференцијата на МВР и на ОЈО Скопје, на која Спасовски и обвинителот Гаврил Бубевски повеќе од еден час појаснуваа дека станува збор за признанија на тројца осомничени кои се дадени во МВР и во ЈО одвоено и дека нивните изјави се совпаѓале со дел од материјални докази, но дека поради одредени вештачења, меѓу другото и обдукциските, во тој момент, во понеделникот(04.12), предметите за двете убиства се водеа во фаза на предистрага. Нема детали ниту од прес-конференцијата на Спасовски од 05.12., кога тој, делумно оставајќи впечаток на триумфализам, соопшти дека главниот осомничен за организација и за извршување на делата е уапсен во Турција и дека ќе следува екстрадициска постапка, повторувајќи ги квалификациите „монструми“, „малоумници“ и друго.

Други настапи што можеа да се регистрираат од оваа партија од гостувањата на медиуми изминатите денови, покажаа дека СДСМ главно се држеше до овој стандарно полициски речник и во соопштенијата (расветлување на случајот), се разбира, акцентирајќи ги предностите дека „сторителите биле откриени“.

 

ВМРО-ДПМНЕ спамираше со обвинувања без ниту еден конкретен доказ

За ВМРО-ДПМНЕ, ништо од ова погоре не е точно, МВР и полицијата не направиле ништо и не биле нималку ефикасни, за што, потврда е смртта на двете лица, а главен виновник е Оливер Спасовски, кој освен што е од СДСМ, е и можен кандидат за претседателските избори во 2024 година.

Во периодот од 03.12.2023 вечерта до 06.12. 2023 до пладне, оваа партија лиферуваше во просек по три соопштенија дневно, одржа и две прес-конференции, од кои најопасната беше манипулативната прес- конференција на Игор Јанушев, во која тој обвини за монструозност од страна на МВР и на Спасовски, при што во еден момент тоа го кажува како готов факт:

Главните и суштински прашања за Спасовски се – кога истрагата дознала за извршителите на грозоморните убиства и дали криеле и не преземале ништо заради самитот на ОБСЕ? Зошто полицијата на Спасовски реагирала предоцна? Дали е нормално за ваков траорен настан да ја информираат јавноста за трагичните настани преку бледо соопштение во 21 часот во недела – што кријат и за што им требаше време од објавување на веста до одржување на прес-конференција?

Во СВР Скопје официјално е заведено дека станува збор за Палчо уште пред 5 дена! Зошто 5 дена не биле преземени никакви дејствија во однос на таа информација?!?

Острата реакција од МВР со квалификација дека станува збор за лага и обвинувањето дека од партијата шират дезинформации, негативните реакции од дел од граѓаните, веројатно влијаеле во натамошното комуницирање со јавноста од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Па така, во соопштенијата од четврти, петти и шести декември, се бара оставка на Спасовски од морални причини, се врти обвинувањето дека до убиството дошло поради тоа што Спасовски и МВР го толерирале главниот осомничен, дека срам било СДСМ да се фали со расветлувањето кога има две жртви…Но, забележливо, дури и во прес- конференцијата на Драган Ковачки, сите обвинувања беа во прашална форма или во посочување на грешки во предистрагата според нивна оценка и на доушници во полицијата поради кои можно е да дошло предвреме до убиството на една од жртвите…:

се фрла сомнеж дека убиството на Вања не е извршено поради паника од разбудената јавност, туку дека е извршено поради паника затоа што имале доушник во МВР кој им дојавил дека истите се предмет на интерес.

Откако министерот Спасовски на 5.12 соопшти дека главниот осомничен е уапсен во Турција и дека кривичната пријава е на стотина страници, откако ОЈО Скопје соопшти дека предистрагата прераснала веќе во истрага против пет лица, ВМРО-ДПМНЕ оценува дека нема простор за други прашања во овој момент, па во последното соопштение од 06.12. се фокусира на барање за проширување на истрагата за поврзаноста на главниот осомничен „Палевски и неговата банда“ со полицијата и власта, а од пропустите, со само една реченица се споменуваат пропустите на велешката полиција.

Дезинформациите се директно генерирани од политиката

Кратката споредба покажува дека ВМРО-ДПМНЕ, сепак има негативен скор во ширењето недоверба во институциите, поттикнувајќи директно ширење на дезинформациите во медиумскиот и интернет просторот околу овој случај. Се разбира, политичарите од оваа партија не беа единствени кои неодговорно во емотивно набиена атмосфера меѓу граѓаните помогнаа да дојде до експлозија на дезинформациите, пред сè на социјалните мрежи и ширење страв и паника меѓу граѓаните до степен да ги следат децата до училиште и назад. И во овој, како и во други случаи досега, се покажало и дека транспарентноста и навремената реакција на институциите, исто така се фактор кој е екстремно важен во намалување на просторот на дезинформациите.

Однесувањето на медиумите, пак, повторно покажа дека еден неодговорен медиум кој постапува неетички, читај непрофесионално, може да биде фактор плус за ширење на дезинформациите (случајот со Курир), а спрегата на политиката со медиумите како во овој случај, дополнително ја фрла одговорноста врз политичарите. Згора на сè, да не се заборават и злонамерните дезинформации од странство, поради различни геополитички интереси на тие што ги шират.

***

Натамошната правна постапка, но и јавноста, ќе ги даде одговорите на прашањата за евентуалните грешки, за нејаснотијата околу мотивот за грабнувањето во Скопје (прво беше користољубие), за тоа дали Љупчо Палевски Палчо има(л) „посебни заслуги за државата“ (и од кога) на што би се должела благоста за неговите поранешни кривични дела или станува збор за чисто коруптивни влијанија и неефикасност на системот искористени уште од неговите „рани трудови“, како еден од основоположниците на урбанистичката мафија во Скопје и измамничката улога на медиумски могул во исто време…

Но, ништо од ова, вклучувајќи го и предизборието и интересот на јавноста, не е оправдување да се уриваат клучните институции во системот и да се сее страв и недоверба со апсолутизми во настапите на политичките партии, особено кога станува збор за пролеана крв на невино дете.

 

Пишува:Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Гордана Силјановска-Давкова официјално е претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ

Гордана Силјановска-Давкова и официјално ќе влезе во трката за претседател на државата, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Таа денеска со мнозинство гласови беше избрана на Kонвенцијата која се одржа во...